Пред два месеци владата донесе уредба со која го прекина воспитно-образовниот процес со цел да го спречи ширењето на корона вирусот. Оттогаш наваму наставата се одржува преку учење од далечина, односно преку онлајн платформи. Со најавувањето на оваа мерка, беше јасно дека престојниот период ќе биде предизвик за сите вклучени во образовниот процес. Студентите што Мета ги контакираше велат дека иако онлајн наставата има предности, сепак им недостасува интеракцијата за време на предавањата, но и дружбата на паузите.
За студентката по правни студии, Катерина Иванова од Правниот факултет „Јустинијан Први“ ситуацијата со онлајн наставата претставува шок, како што вели таа, да ги слуша своите професори додека е во пижами, а воедно да нема лице в лице контакт со колегите.
„Покрај овие невообичаености, наставата се одржува редовно, со речиси истиот квалитет како и претходно, се разбира колку што е тоа возможно. Теоретскиот дел на материјалот се покрива непречено, но се губи дискусијата која често ја имаме на предавањата, а според мене е особено важна во струка како правната“, изјави Катерина Иванова, за Мета.
Таа воедно е претседателка на Комисијата за заштита и унапредување на правата на маргинализирани групи при Универзитетското студентско собрание на УКИМ и го посочува проблемот со недостапноста на уреди и интернет конекција со која се соочуваат огромен број на нејзините колеги.
„Оваа ситуација не е ‘претрагична’ за мене, би рекла, но за жал тоа воопшто не е случајот со сите студенти. Доколку сакаме квалитетно образование, истото мора да биде пристапно и достапно на секој оној со желба за наука. Проблемот на барем еден од нашите колеги е заеднички проблем и навистина е време да се гледа како таков“, потенцира Иванова.
Студентот по новинарство од Правниот факултет, Георги Божиновски вели дека иако самиот квалитет на предавањата зависи од професорот, сепак разочарува незаинтересираноста на одредени поединци воопшто и да закажат предавање.
„Имаме ситуации во кои тие ни излегуваат во пресрет и се прилагодуваат на ситуацијата, но има и онакви кои само праќаат материјали и од нив пак ќе слушнеме нешто во јуни. Сѐ на сѐ, барем на Правниот факултет, верувам дека има простор за квалитетна онлајн настава, но за да се изведе целосно мора да се почне од регулација на професорите, да се воведе систем кој ќе спречи можност за нивно манипулирање со предавањата и избегнување на студентите со седмици“, посочува Божиновски.
Горан Спирески, студент на Економскиот факултет вели дека и кај нив, целокупно наставата е на задоволително ниво. Во овие услови и професорите и студентите заеднички се трудат да извлечат максисмум од предавањата, но како што вели тој недостига човечката интеракција.
„Во врска со моето учење не се променило ништо, освен тоа што немавме колоквиум досега и за завршниот испит ќе има пообемен материјал. Дефинитивно сум против онлајн полагање, зошто сметам дека ќе биде многу потешко и понеквалитетно полагањето. Дополнителен притисок се чувствува од дома кога полагаш, барем за мене зборувам. Нема да бидам толку сконцентриран и фокусиран како на факултет“, вели Спирески.
Иако професорите ги известиле за можните испити во јуни, сепак не се знае каков ќе биде форматот во кој ќе се реализираат истите, додава тој.
Во разговор со студентите, впечатокот е дека нивното мислење за онлајн настава е поделено. Некои од нив сметаат дека наставата од дома има предности како комфорна и опуштена атмосфера, повеќе време за себе и постојан пристап до интернет. Други пак, се демотивираат поради едноличните предавања кои се одвиваат преку камера, а на кои немаат можност за дискусија и повеќе прашања.
Продолжува…