Велес 11 мај 2020 (МИА) – Општина Чашка во координација со ЈПКД „Тополка“ во саботата почна со дезинфицирање на улиците и јавните површини во населба Чашка, плоштадот и институциите.
Како што информираше градоначалникот Горан Стојановски, освен јавните простори, дезинфицирани се просториите на училиштето, градинката, полицијата, поштата, зградата на локалната власт, продавниците.
– Утре ќе се врши повторно дезинфицирање во населбата Чашка, а во наредните денови и во некои од поголемите населени места во нашата општина – Горно Јаболчиште, Мелница Извор и други поголеми населени места.
Во Општина Чашка на 5 мај беа регистрирани првите двајца заболени со Ковид-19, а потоа бројот на заболени се зголеми на тројца кои се од две семејства. Во Чашка моментално има и осум лица со решение за изолација, информира Стојановски.
-Затоа апелирам до жителите на општина Чашка, а посебно до жителите на населба Чашка, да ги следат препораките на Владата и Министерството за здравство за задолжително носење заштитни маски на отворено, како и да се одржува задолжително меѓусебно растојание, рече Стојановски.
Тој им препорача на жителите да се придржуваат до ограничено движење во текот на работната недела, а посебно во деновите од викендот. ад/хс/