Утрински Весник
Македонија

Корона вирусот за два и пол пати го намали бројот на паркирани возила во центарот на Скопје

Корона вирусот за два и пол пати го намали бројот на паркирани возила во центарот на Скопје

Намалената фреквенција на движење на граѓаните и воведувањето на полицискиот час поради епидемијата на корона вирусот влијае на работењето на зонското паркирање во Скопје. Податоците од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) покажуваат дека бројот на паркирани возила во центарот на Скопје во текот на март годинава e за два и пол пати помал во споредба со просечниот број на паркирани возила во претходниот период.

На паркиралиштата од отворен тип вообичаено се паркирале околу 65.000 возила месечно, додека во март 2020 се паркирале 29.657 возила. На паркиралиштата од затворен тип, вклучувајќи ја и катната гаража „Судска палата“, се паркирале околу 30.000 возила месечно пред Ковид-19, додека во март биле регистрирани 11.204 возила.

„Реалните загуби кои ги трпи претпријатието се значително поголеми бидејќи во 2019 година цените за паркинг услугите на ЈП Паркинзи на Општина Центар беа пониски во однос на оваа година“, велат за „Мета.мк“ од ова претпријатие.

Јавното претпријатие во март 2020 година забележало намалување на остварените приходи за околу 27,7 отсто во споредба со идентичниот период лани. И покрај ова, од претпријатието засега нема да бараат субвенции од Општина Центар за покривање на финансиската „дупка“, туку истата ќе ја покријат со кратење на одредени капитални инвестиции што беа планирани за годинава.

ЈП ПОЦ во март годинава остварило приходи од околу 124.000 евра, додека истиот месец минатата година биле прибрани речиси 160.000 евра. Опаѓање на приходите има кај работењето на паркиралиштата од отворен и од затворен тип, како и „пајак“ службата. Проценките на претпријатието се дека загубите во вториот квартал од годинава би достигнале околу 162.000 евра, но сето тоа ќе зависи од времетраењето на кризата предизвикана од Ковид-19.

Како резултат на корона кризата, пониските приходи ќе влијаат на одложување на проектот за воспоставување на мрежен систем за автопатска наплата со поставување на камери за автоматско препознавање на регистарски таблички, сензори и мобилни АНПР камери. Од ПОЦ се надеваат дека овој проект ќе може да се реализира во 2021 година и напоменуваат дека субвенциите од Општина Центар се последната опција што би ја искористиле, и тоа само доколку корона кризата трае подолго.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер