Утрински Весник
Македонија

Младиот филмаџија Сашко Потер Мицевски покрена иницијатива „Штип сака кино“

Младиот филмаџија Сашко Потер Мицевски покрена иницијатива „Штип сака кино“

Штип, 9 мај 2020 (МИА) – Младиот филмски и телевизиски монтажер Сашко Потер Мицевски ја покрена видео иницијативата „Дека е киното во Штип.

Мицевски вели дека иницијативата ја покренал, бидејќи многу млади автори немаат место каде да ги прикажуваат своите авторски остварувања, а пак младите за да уживаат во магијата на филмското платно мора да одат на кино во Скопје или сега во соседно Свети Николе. Иницијативата наиде на голема поддршка од штипјани, но и од актери, културни работници, спортисти, медиуми, како и од локалната власт.

-Сакав да го доловам тој носталгичен ефект, какво беше времето кога Штип имаше кино, какво беше чувството да се гледа филм, а со тоа се роди кампањата „Штип сака кино“. Многу позитивно беше примена и сите на страна ги тргнаа своите политички, религиозни убедувања. Сите сакаат да се вклучат во идејата да се направи кино во Штип, вели Мицевски.

Мицевски, кој сега работи на монтажа на серијата „Преспав“, а и дизајнер на звук на 50-тина кратки филмови, вели дека иницијативата позитивно е прифатена. Тој деновиве имал и разговор со градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски. Со него заеднички бараат најсоодветно решение конечно Штип да добие градско кино. Тој веќе почнал да прави истражување која техника би било најдобро да се инсталира, додека општината ја утврдува локацијата. Видеото од иницијативата стана вирално.

Штип веќе 15 години нема кино, а до деведесеттите години на минатиот век имал две кино сали, од кои едната позната како летно кино, каде што сега е изграден Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“. Штипјани првата кино проекција ја имале во 1909-та година, 14 години откако браќата Лимиер го патентирале кинематографот. Иницијативата на Мицевски се совпаѓа  и со 100 – годишнината од отворањето на првата кино сала во Штип, што почнала со работа на 15 јули 1920 година во тогашниот Гранд хотел. вдј/рп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме