Утрински Весник
Економија

Подготовки за отворање на аеродромите, промени на дестинациите и фреквенциите на летови

Подготовки за отворање на аеродромите, промени на дестинациите и фреквенциите на летови

Скопје, 7 мај 2020  (МИА) – ТАВ Македонија се подготвува за отворање на аеродормите во државава, во исчекување на точен датум и одлука од надлежните институции, кои пак се во координација со меѓународните воздухопловни власти каде се во тек активности за наоѓање најсоодветни унифицирани решенија за одвивањето на авионскиот превоз на патници. Официјална информација од Владата и надлежните воздухопловни тела чекаат и авиокомпаниите за да можат да ги потврдат нивните планирани рути од Скопје и од Охрид.

Дестинациите и фреквенцијата на летови годинава, ќе зависат и од внатрешната организација и одлуките на авиокомпаниите, бидејќи и тие, како дел од авиобизнисот се значително погодени од кризата со вирусот Ковид-19. И по повторното отворање на аеродромите, авиосообраќајот ќе биде значително намален во однос на нивоата од претходните години, бидејќи, луѓето, пред сè, ќе се плашат да патуваат со авион, како резултат на стравот од повторно ширење на болеста. Со оглед на рецесијата која се очекува, што ќе влијае на стандардот на луѓето, ќе треба повеќе време авијацискиот пазар да се врати на некое од претходните нивоа на подем. Само во март, по затворањето на двата аеродрома,  концесионерот регистрира намалување на патниците за 55 проценти, во споредба со март лани.

– Да, ние се подготвуваме за реотворањето на двата аеродрома, Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, и покрај тоа што во овој момент сè уште не го знаеме точниот датум, бидејќи чекаме официјална информација од Владата. Како што знаете, вонредната состојба трае до 16-ти мај, но во овој момент не знаеме дали и границите и аеродромите ќе бидат отворени веднаш после овој период. Ние сме подготвени и се надеваме на поскоро почнување со работа. Веднаш штом добиеме официјална информација, ќе ја информираме јавноста, патниците,  споделувајќи ги сите важни информации со нив, во врска со идните патувања, изјави за МИА Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Во однос на тоа како ќе се одвива нормализирањето на авиосообраќајот, почитувањето на мерките за превенција од вирусот и што тоа ќе значи за патниците Ерсој вели дека ТАВ Македонија ги следи меѓународните искуства, препораки и упатства за враќањето на аеродромските операции по КОВИД-19, како и националните прописи во цивилното воздухопловство и оти ќе ги имплементира во делот на своите надлежности.

-Согласно моменталните мерки на аеродромите кои сè уште се отворени и дискусиите на експертите – хигиенските мерки кои веќе ги применуваме ќе бидат интензивирани, а мерки на социјално дистанцирање ќе бидат имплементирани во текот на целиот процес на патување на еден патник, вели Ерсој.

На двата македонски аеродроми, Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, ТАВ Македонија бележеше постојан двоцифрен пораст на бројот на патници во изминатите 10 години. Авиосообраќајот беше во подем, сè до затворањето на двата аеродроми во март оваа година, согласно Одлуката на Владата за спречување на ширење на коронавирусот.

– И покрај исклучително тешката состојба во која наеднаш се најдовме, која практично значеше запирање на нашите приходи, се трудиме да го одржиме бизнисот и да ги задржиме сите работни места. Најголемиот дел од нашите вработени, чии задачи се од административна природа, работат од дома, а само одреден број на колеги, со оперативни работни позиции, кои е неопходно да бидат на работното место на Меѓународниот аеродром Скопје, за да ги опслужуваат карго-летовите и хуманитарните летови за враќање на македонските граѓани во земјата, одат на работа во смени. Се надеваме дека наскоро патувањата со авион ќе бидат можни, ситуацијата полека ќе се нормализира и сите ќе се вратиме на работните места во нашите канцеларии, наведува генералниот директор на ТАВ Македонија.

Во аеродромскиот бизнис летниот распоред на летање почнува на крајот на март и завршува во октомври, така што,  појаснува Ерсој, моментално сме во т.н. летна сезона на летање. Редовниот распоред на летови, за летната сезона 2020, кој беше планиран, почна брзо да се менува, како што зафати кризата со коронавирусот. Авиокомпаниите од ден на ден, од час во час, го намалуваа бројот на летови или пак откажуваа летови кон одредени дестинации, зависно од тоа што се случуваше во тие држави, поврзано со коронавирус кризата, а на крајот Владата ги затвори аеродромите.

– Сега, бидејќи аеродромите се затворени за патнички летови, авиокомпаниите чекаат официјална информација од Владата и надлежните воздухопловни тела, за да можат да ги потврдат нивните планирани рути од Скопје и од Охрид. Се разбира, дестинациите и фрекфенцијата на летови оваа 2020 година, ќе зависат и од внатрешната организација и одлуките на авиокомпаниите, бидејќи и тие, како дел од авиобизнисот се значително погодени од оваа криза. Веднаш штом добиеме информација за повторното отворање на аеродромите и за промените во распоредот на летови, ќе ги споделиме во јавноста, изјави Ерсој.

Со оглед на тоа што сме свесни дека навремената комуникација е исклучително важна во услови на светска пандемија, доолнува, уште од почетокот на оваа криза, се трудиме постојано и навремено да ги информираме патниците за сите промени во редовниот распоред на летање, преку нашите канали на комуникација, почнувајќи од медиумите, социјалните мрежи, нашата веб-страница, мејлот за односи со клиенти и чет-каналите за прашања од патници. Токму со навременото информирање, се трудиме да го неутрализираме чувството на нелагодност и да покажеме емпатија кон нашите патници, бидејќи ја разбираме нивната загриженост.

Според Ерсој,  и по повторното отворање на аеродромите, авиосообраќајот ќе биде значително намален во однос на нивоата од претходните години, бидејќи, укажува, луѓето, пред сè, ќе се плашат да патуваат со авион, како резултат на стравот од  повторно ширење на болеста.

-Така, ефектите од Коронавирус кризата во авиосообраќајот ќе продолжат да се чувствуваат до крајот на годината. Се надеваме дека штом летовите почнат, со зголемена хигиена и претплазливост од страна на сите нас, како и почитување на мерките за лична заштитна опрема, довербата во авиосообраќајот како најсигурен вид на превоз, со текот на времето ќе се врати. Сепак, со оглед на рецесијата која се очекува, која што ќе влијае на стандардот на луѓето, ќе треба повеќе време авијацискиот пазар да се врати на некое од претходните нивоа на подем, оценува Ерсој.

Од Агенцијата за цивилно воздухопловство за МИА велат дека редовно ги информираат и ги советуваат нашите национални институции за меѓународните стандарди и препорачани практики во областа на воздухопловните политики и на тој начин помагаат во донесување навремени и ефикасни мерки.

– Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) ги следи сите стандарди, препораки и позитивни практики што доаѓаат од релевантните меѓународни воздухопловни организации, како што се Eurocontrol, ICAO, ECAC и ЕАЅА. Заедно со Министерството за транспорт и врски, АЦВ редовно учествува на сите видеоконференциски и телеконференциски состаноци што ги организираат овие организации, каде што претставниците на воздухопловните власти од сите европски држави се обидуваат да изнајдат најсоодветни заеднички унифицирани решенија. Оттука, АЦВ редовно ги информира и ги советува нашите национални институции за меѓународните стандарди и препорачани практики во сферата на воздухопловните политики и на тој начин помага во донесувањето на правовремени и ефикасни мерки, изави за МИА Томислав Тунтев, директор на АЦВ.

Прописите, препораките и мерките што се однесуваат на условите за одвивање на меѓународен патнички сообраќај на македонските аеродроми ги пропишува Министерството за транспорт и врски, односно Владата. Задачата на АЦВ е да врши континуиран надзор врз аеродромскиот оператор и авиопревозниците за тоа дали и како таквите мерки се спроведуваат.

– Откако ќе бидат донесени нови мерки за заштита од коронавирусот во врска со одвивањето на меѓународниот воздушен патнички сообраќај, АЦВ ќе се грижи за нивната целосна имплементација од страна на субјектите во авиоиндустријата, појаснува Тунтев.

Со одлука на Владата  како мерка за спречување на ширењето на вирусот Ковид 19 од 15 март на полноќ е затворен аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, а од 18 март на полноќ и Меѓународниот аеродром Скопје.

Министерството за транспорт и врски на почетокот на месецов апелираше до граѓаните да се воздржат од резервации и купување авиобилети со оглед дека одлуката за затворање на аеродормите во Скопје и во Охрид е сè уште во сила. -Со оглед на настанатата состојба со вирусот ковид-19, во овој момент не може да се предвиди кога повторно ќе се воспостави и нормализира авионскиот сообраќај за превоз на патници, соопшти Министерството за транспорт и врски, аплирајќи граѓаните да не се изложуваат на дополнителни трошоци со резервации на авионски билети, сè додека надлежните институции не информираат дека патувањата ќе може да се одвиваат непречено.

Нискобуџетната авиокомпанија Виз Ер, која до пред воведување на мерките опслужуваше повеќе авиолинии од и кон државава, од 1 мај воведе дополнителни мерки за хигиена. Со нив се предвидува екипажот и патниците да носат заштитни маски, да се одржува физичко растојание пред чекирање, како и при влегување и излегување од авион, а на летови каде што ќе има можност да се обезбеди и оддалеченост помеѓу седиштата на патниците.

Во првите два месеци од годинава се регистрирани 350.708 патници на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, при што порастот беше 15 проценти на годишно ниво, а бројот на летови во истиот временски период, јануари-февруари беше 2.907, со 16 проценти годишен пораст. Во март, по затворањето на двата аеродроми,  како што информира Ерсој, имале 79.479 патници, што е намалување од 55 проценти, во споредба со март 2019, кога само на месечно ниво имале 175.599 патници. Во првите три месеци од годинава, периодот јануари-март, на двата македонски аеродроми имало вкупно 430.187 патници, односно намалување од 11 проценти во однос на истиот период од 2019 година, кога биле регистрирани 480.845 патници.

Лидија Велковска 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија