Неготино, 7 мај 2020 (МИА) – Како последица на чума, било формирано неготинското село Горни Дисан во минатото. Ова меѓу другото може да се прочита во книгата „Дваесет години земјоделски комбинат Венец Долни Дисан”, објавена пред повеќе години. До овие податоци дојде МИА благодарение на семејството на некогашниот професор во неготинската гимназија Киро Андонов, кој бил дел од редакцискиот одбор.
Според тоа што го пишува во книгата, во 1794 година во Тиквешко се јавила чумата. Селаните од Долни Дисан го напуштиле селото и заедно со добитокот се отселиле, па формирале нова населба, која ја именувале како Горни Дисан. Кога чумата стивнала (1796 година), турските и неколку македонски домаќинства повторно се вратиле на старото огниште, додека извесен дел од нив останале како постојани жители на Горни Дисан.
Бег заштитувал христијани од зулуми на турски аскери
– Тогаш турските доселеници завладеале со сиот имот со кој располагало македонското население пред да го напушти Долни Дисан и станале најголеми богаташи во Тиквешко. Од нив произлегла прочуената фамилија Муратовци, подоцна наречена Рибаровци. Во реонот на Бошава, таа имала голем број чифлици со над 30 илјади овци и кози, а под ќезим го држела и Дојранското Езеро. Оттаму со риба ја снабдувала цела Тиквешија и јужна Македонија. По тоа и го добиле името Рибаровци. Од оваа фамилија произлегле неколку видни аги, бегови и оџи, кои биле почитувани не само во Тиквешко, туку и во целиот Солунски пашалук. Еден од нив бил и бегот Абдул Мурат, кој имал чифлици во Дојран и во Демир Капија, а бил личен пријател и на султанот. Тој бил многу популарен во Тиквешко, бидејќи го заштитувал христијанското население од честите зулуми што ги правеле турските аскери. Абдул Мурат бег бил во сродство и со фамилијата на Кантур-бег, една од најбогатите во Тиквешко. Кантур-бег имал чифлик во Сопот, Неготино, Курија и во селото Вардар Чифлик, со над 13 илјади овци и нешто кози и коњи, кои летно време ги чувал во Солунско, во месноста Платија, каде што било и стадото на Мурат-бег, а зиме во Тиквешко, за што биле изградени голем број трла. Од фамилијата Рибаровци произлегол и познатиот муслимански духовен поглавар Хаџи Јусуф. Тој бил личен пријател на поглаварот на Високата порта на Цариград, Хаџи Омер, пред кого се поклонувал и султанот Амид. Секоја година во август, Хаџи Омер доаѓал во Долни Дисан и кај својот пријател Хаџи Јусуф останувал на конак по 30 – 40 дена. Фамилијата Рибаровци, за разлика од останатите видни турски фамилии во Тиквешко, водела и родословно дрво за нејзиното потекло, за што постои предание дека го водел извесен Синан Мурат, кој учел во Цариград и се сметал за еден од најучените Турци во Тиквешко. Според тоа родословно дрво, кое било пренесено во Цариград при отселувањето на Турците од Долни Дисан по првата Балканска војна, фамилијата Рибаровци имала над сто свои членови, пишува во книгата.
Управното седиште од Кавадарци во Неготино, па назад
Оваа фамилија најголемо богатство стекнала по изградбата на Вардарската железничка линија во 1873 година, кога ѝ било овозможено своите пазарни вишоци од овците и козите да ги пренесува и на најоддалечените точки на Балканскиот Полуостров. Сите селани – Македонци од Горни и Долни Дисан во тоа време, работеле за таа фамилија како чифчии, зашто не располагале ни со земја, ни со добиток. Во тој период, економски напреднало и Неготино. Бидејќи железничката линија овозможила да се развие трговијата не само со сточарски производи, туку и со опиум, кој на ова подрачје се одгледувал на многу големи површини. Најголеми количества опиум биле продавани во Солун, а оттаму и во други пристанишни градови долж Средоземното Море.
– Со оглед на ваквиот напредок, во 1879 година солунскиот валија со декрет го преместил управното седиште на тиквешката област од Кавадарци во Неготино. Меѓутоа, на ова решение подоцна се побуниле некои бегови во Сопот, така што солунскиот валија управното седиште одново го вратил во Кавадарци, со што на овој град му била дадена можноста побрзо да се развива и унапредува, стои во книгата.
Дисан – македонско Бордо
Поради извонредниот квалитет на виното во Дисанијата, одделни дисанци знаат да кажат дека овој крај го споредуваат со француското Бордо, кога е во прашање високиот квалитет на грозје и вино.
Селото Горни Дисан е ридско село на околу 4 километри од Долни Дисан, околу 12 километри оддалечено од центарот на Неготино. Речиси до самото село води асфалтиран пат. Таму нема постојани жители, но некои од куќите се сè уште во функција. Дел од оние што се иселиле или нивни наследници ги обработуваат околните ниви, а одгледуваат и пчели. Има и љубители на природата кои доаѓаат главно за рекреација.
Долни Дисан, пак, е четврто по големина село во рамките на неготинската локална самоуправа, а во минатото било седиште на општина, која вклучувала неколку други населени места. Има околу илјада жители, деветолетка. Две библиотеки, од кои едната селска, и другата во склоп на училиштето. Фамилијата Нојкови е една од најстарите.
– Имаме специфична микроклима. На времето овде се саделе и памук, афион, анасон. Сега главно лозови насади, а има и доста пчелни сандаци. Има водовод и канализација, винарници, фабрика за таан-алва, објект на месна заедница и пошта, плоштад и кафеани. Многумина се чудат кога гледаат згради, оти си мислеле дека во село такво нешто нема, ни рече Марјан Нојков, кој живее и работи во Скопје, но слободното време најчесто го минува кај родителите во Долни Дисан.
Ни кажа дека голем дел од турското население се иселило во Турција во шеесеттите години од минатиот век. На нивно место се населиле дојденци од села од под планината Кожуф.
– Всушност, претходно, многу малку од македонските фамилии останале непотурчени. Меѓу нив и мојата, дедо ми имал 11 деца. Како фамилијарна лоза, имаме прекар дирек, диреци. Затоа што дедо ми одбил менување вера и бил како столб, стожер, чувар, за селото да не биде целосно потурчено, рече Нојков за МИА.
Од него дознавме дека има проект за заштита на палеонтолошки локалитети во Дисанско.
– Дисанијата располага со бројни природни убавини и има можности за развој на туризам. Меѓу другото, тука растат и интересни растенија што заслужуваат внимание. Потребни се само визија и добри проекти, за светот да ја слушне дисанската приказна. Многу работи ќе се одложат поради коронавирусот. Но, според мене, овој период на изолација треба да се искористи за планирање како на туристите да им се доближи Дисан, како атрактивна туристичка дестинација, нагласи Нојков.
А во Дисан можете да слушнете како одделни дисанци разговараат дека селото им е толку напредно што дури и неготинци како граѓани им завидуваат.
Светлана Дарудова