Утрински Весник
Македонија

Дебата за современите општества по прогласувањето на пандемијата

Дебата за современите општества по прогласувањето на пандемијата

Скопје, 7 мај 2020 (МИА) – Европското движење во Република Северна Македонија денеска ќе организира онлајн панел-дискусија на тема: „Општествата во време на кризи: причини и последици“, на која ќе се разгледаат прашања поврзани со состојбите во кои се наоѓаат современите општества по прогласувањето на пандемијата предизвикана од КОВИД-19.

-Не е спорен заклучокот дека оваа пандемија со сите свои специфичности кои го загрозуваат здравјето и животот на поединците, предизвика и криза од општествена природа која се манифестира преку своите економски, социјални, политички, културни и други карактеристики препознаени во секоја од кризите кои се случиле претходно, соопшти организаторот.

Меѓу прашањата на кои ќе се дебатира се: Што се случува со демократските процеси во услови на криза? Дали се случија промени во политичката сфера и дали се промени политичкиот дискурс? Дали кризата генерално, вклучувајќи ја тука и пандемијата, не претставува итен повик за промени? Какви прашања можат да се постават во однос на системите за јавно здравство, кај нас и пошироко? Дали економските мерки што ги преземаат владите одат во прилог на сите економски субјекти?

За темата ќе говорат проф. д-р Ило Трајковски и проф. д-р Константин Миноски, двајцата од Институтот за социологија на Филозофскиот факултет, проф. д-р Бранислав Саркањац од Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет и проф. д-р Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.

Дискусијата е организирана во соработка со Делегацијата на Европската Унија во земјава и од 11 часот ќе може да се следи на Фејсбук-страницата на Европското движење. хс/ев/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Сушниот и топол период продолжува во Македонија, постои опасност од појава на нови шумски пожари

Со полициски хеликоптер пренесен македонски државјанин кој беше на лекување во Виена 

Мицкоски, Мисајловски и Агелер во посета на касарната „Јане Сандански“ – Штип