Центарот за јавно здравје, заедно со Институтот за јавно здравје прави план за скрининг на лица за коишто се смета дека се во критични категории како здравствени работници, вработени во градинки, вработени во домови за згрижувањена стари лица, припадници на полиција, возачи во ЈСП и таксисти, вработени во јавни служби (шалтерски работници), пациенти пред хоспитализација.
„Со скринингот ќе се овозможи поквалитетна проценка за можноста за олабавување на рестриктивните мерки, но и значително ќе се зголеми бројот на тестови. Во текот на следните денови ќе биде готов новиот алгоритам и ќе се дефинира таргетираниот број на тестови што ќе се прави дневно. Кластерите по возраст и хронични болести би биле опфатени со испитувања во натамошниот период, за да се види прокуженоста на населението од овој вирус. Матичните доктори ќе го добијат новиот алгоритам и преку МојТермин ќе закажуваат тестирање на одреден број лица според можностите насистемот на дневна база“, соопштуваат во министерството.
Брисевите ќе се земаат во постојните пунктови и ќе ги транспортираат Центрите за јавно здравје во претходно одредени лаборатории. Стратегијата на Министерството за здравство од почетокот на епидемијата беше да се тестираат пациенти со симптоми и согласно оваа стратегија работевме целиот овој период.
„Таа даде исклучително добри резултати без да ги оптовари капацитетите за тестирање и за хоспитализација што беше наша примарна цел. Тоа што во изминатите денови имаме намален број на тестирања е доказ дека бројот на активни пациенти во нашата земја значително се намалува што уште еднаш ја потврдува успешноста на досегашните чекори. Министерството за здравство во оваа прилика уште еднаш категорично ги отфрла обвинувањата на опозицијата за намален број на тестови во политички цели. Тестирањето ќе продолжи по новата методологија и согласно препораките на епидемиолозите“, стои во соопштението.