Битола, 5 мај 2020 (МИА) – Врнежите од дожд и снег значително ги зголемија количините на вода во акумулацијата „Стрежево“ со која стопанисува истоименото јавно претпријатие.
Генералниот директор на ЈП „Стрежево“- Битола Методија Граматковски изјави дека во моментов во акумулацијата има 80 милиони метри кубни вода, а тоа е повеќе од доволно за претстојната сезона за наводнување.
-Во акумулацијата ја собираме секоја капка вода, а благодарение на дождот и снегот кои паднаа во изминатиов период, создадени се услови за непречено снабдување со вода за наводнување на земјоделските површини, водоснабдување на РЕК Битола и други корисници на нашите услуги, посочи Граматковски.
Од ЈП „Стрежево“ информираат дека деновиве успешно ги решаваат и проблемите кои ги предизвикуваат рибокрадците и со ноќни ангажмани на рибочуварската служба одземени се недозволени риболовни средства, мрежи.
-Нашата рибочуварска служба заплени мрежи кај местото викано „Стрежевски залив“, локација меѓу рекреативната и забранетата зона за движење околу акумулацијата. Рибокрадство нема да толерираме, против затекнатите лица ќе бидат поднесени соодветни пријави, а запленетите мрежи ќе ги одземаме, нагласи Граматковски. мт/ев/