Штип, 4 мај 2020 (МИА) – Во Штип денеска беа одбележани 117 години од смртта на великанот Гоце Делчев. Делегации на Општина Штип, Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип, претставници на институции кои го носат неговото име, како и на политичките партии, на Сојузот на борци, положија цвеќе на спомен-релјефот на зградата на ректоратот на УГД –Штип.
Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски истакна дека Гоце Делчев беше сржта на револуционерната организација која ги постави темелите на македонската борба за независност.
–Денес ние ја живееме таа реалност, имаме своја самостоја држава, а тоа беше главната негова идеја во текот на целиот живот. Идол на денешните и идните генерации. Овој град, гордо му се поклонува на учителот кој се вратил во Македонија во 1894 година како учител во Штип. Денес обединети се поклонуване за да го продолжиме делото на идеологот, револуционерот и нашиот учител, рече Бочварски.
Посочи дека денес нашата борба е да ја продолжиме неговата идејата за широки права на нашите сограѓани, силно демократско општество, развиена и просперитетна држава.
Градот Штип во услови на пандемија му одаде почит на Делчев кој учителствувал и го пренесувал своето знаење на децата во штипско Ново Село, каде што сега наместо училиште е сместен ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип. Токму таму се наоѓа и собата на Делчев, во која има клупи и документи од времето кога учителствувал. вдј/мд/