Сончево утро во Рим. Сино небо и пријатна пролетна топлина. Но, пандемијата е како сенка надвисната над италијанскиот главен град. Скулптурите делуваат осамено, плоштадите и улиците се без живот, како сенишна филмска кулиса. Ги нема роевите туристи. Наместо тоа, на секој агол има полицајци кои вршат контрола на минувачите и причината поради која се надвор.
Италијанците чекаа со напрегнатост на прес-конференцијата на италијанскиот премиер Џузепе Конте во неделата. Се надеваа дека забраната за излегување ќе биде конечно укината на 4 мај. Но, многумина останаа разочарани. Забраната за излегување, воведена на 11 март, ќе биде укинувана постепено, стави јасно до знаење Конте.
„Нема да трае долго додека почнеме да гладуваме“
„На нашата иднина не гледам ниту црно ниту со розови очила. Сива е можеби вистинската боја за опишување на нашата сосотојба“, вели римскиот таксист Клаудио. Тој не знае како да си ги подмири даночните обврски во наредните месеци. Секој ден со часови чека на муштерии.
„Вирусот загуби на сила, па сепак не треба уште долго за да почнеме да гладуваме. Стравот е голем, зашто ако имаш долгови, или ако имаш кредит за куќа, веќе не добиваш нов кредит од банките“, се жали Клаудио.
Првите кризни месеци се преживеани, строгите забрани за контакти покажаа ефект. Сега италијанската влада најавува втора фаза – „Фаза 2“. Предност пред социјалниот живот има очигледно италијанската економија, која би требало да тргне по нагорна линија што е можно побргу.
Од 4 мај ќе почнат со работа најголемиот дел од производствените капацитети. Освен тоа, дозволена ќе биде и достава и подигање на храна од рестораните, а ќе отворат и кафулињата и фризерите. На местата каде што има премногу контакти меѓу луѓето отворањето е предвидено од 1 јули натаму.
Целиот текс можете да го прочитате ТУКА
Извор: dw.com
Фото: pixabay.com