Скопје, 29 април 2020 (МИА) – ЕВН Македонија донираше 13 перфузори и инфузиони пумпи за оддделот за интeнзивна нега во Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ од Скопје.
Оваа медицинска опрема, како што велат од компанијата, се користи за правилно и прецизно дозирање на лековите кај пациентите во интензивна нега, а за набавка на перфузорите ЕВН одвои 10.000 евра.
– Особено сме благодарни на ЕВН што реализира една ваква донација токму во време на актуелната ситуација со коронавирусот кога нашата клиника покрај своите пациенти ги презема и сите пациенти кои треба хируршки да се третираат од другите центри каде што се лекуваат заразените од вирусот. Токму oвие перфузори се потребни за адекватно третирање на пациентите во единицата за интензивно лекување во нашата установа, изјави директорот на клиниката д-р Љубен Арсенков.
ЕВН во последните шест месеци поддржа повеќе проекти и иницијативи во здравствениот систем во земјава. Освен донацијата во Градската болница, донирани беа и 200.000 евра на Министерството за здравство за справување со коронавирусот. Со донација од 10.000 евра го реализираше приклучокот за електрична енергија за новата мобилна болница, а одвои и 60.000 евра за прочистувачи на воздух и респираторни машини за новороденчиња. вј/сп/