Скопје, 29 април 2020 (МИА) – Може да се очекува зголемен број на пријави за насилство врз децата и семејно насилство како последица на вонредната состојба поради коронавирусот. Жртвите треба да пријават, бидејќи системот е функционален и ќе се направи се што треба за тие да бидат заштитени, истакна на денешната прес-конференција дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.
Според Шкријељ, во вакви периоди жртвите на насилство не се сигурни дали институциите ќе постапат и затоа не пријавуваат.
– Во Центрите за социјална работа не можеме да кажеме дека имаме зголемен тренд на пријави. Тоа не значи дека нема зголемување. Она со што се соочуваме кога во прашање е семејното насилство и во редовни услови, а посебно во ваква состојба е дека бројката на случи на насилство кое не се пријавува е секогаш многу поголема од таа која се пријавува. Темната бројка е многу поголема. Кај нас во Центрите за социјална работа, немаме зголемен тренд на пријави на семејно насилство, рече Шкријељ.
Таа истакна дека е за очекување да се претпостави дека во вакви периоди сите кои се соочуваат со насилство не се сигурни дали институциите ќе постапат, затоа, како што рече, постојано ги охрабрува и повикува да постапат, со цел да знаат дека институциите функционираат и ќе направат се што треба да ги заштитат.
Шкријељ испрати повик родителите и децата да се јавуваат на линиите за поддршка, со цел, да им се помогне за справување со предизвиците со кои се соочуваат поради вонредната ситуација и коронавирусот.
-Децата се една ранлива категорија. Може и се очекува да има и појави на насилство врз децата, зголемени. Токму затоа со УНИЦЕФ ги воспоставивме платформите и линиите за поддршка на родителите и децата. Треба да сме свесни дека сите ние се соочуваме со предизвици при справувањето со оваа состојба, дека родителите исто се под притисок, така што, преку ‘Линијата за позитивно родителство’ им нудиме онлајн поддршка за како да се справат со предизвиците кои се соочуваат, додава Шкријељ.бт/са/