Битола, 28 април 2020 (МИА) – Во Битола се одржува уметничка акција „Остајте да помини фичото, не се туркајте, држете растојание“ која има за цел да ги предупреди граѓаните од неопходноста да се одржува физичко растојание и на тој начин да придонесе кон почитување на оваа мерка која е најефективното средство во борбата со епидемијата од Ковид-19.
– Акцијата својата инспирација ја црпи од анегдота од веселите периоди на 70-тите и 80-тите години, кога што и да се правело/градело/поставувало, требало да се остави доволно простор колку да може да помине фичо. Случајно или не просторот потребен за да помине едно фичо е околу два метра, што всушност е и препорачаното растојание за спречување на ширењето на Ковид-19, соопштија организаторите.
Оваа акција, додаваат, првенствено е наменета за постарите генерации кои се најосетливи на вирусот, а сепак многу често забораваат да го почитуваат препорачаното растојание од два метри.
– Се надеваме дека жолтите фичовци ќе ги потсетат битолчани посовесно да одржуваат растојание, барем онолку колку да помине фичо меѓу нив, се наведува во соопштението.
Покрај силуетите од фичовците, во рамки на акцијата се направени и поголеми количини налепници кои потсетуваат на потребата за одржување растојание, како и на генералните препораки за заштита од Ковид-19. мс/са/