Утрински Весник
Македонија

Сугарески: Реализирани 10 отсто од капиталните инвестиции, проектите се изведуваат непречено (ДПЛ)

Сугарески: Реализирани 10 отсто од капиталните инвестиции, проектите се изведуваат непречено (ДПЛ)

Скопје, 25 април 2020 (МИА) – Пандемијата не смее да ја спречи изградбата на патиштата, на железницата, ниту на гасоводот, како и на канализациите и водоводите. Во првиот квартал годинава реализацијата на капиталните инвестиции е добра и заклучно со средината на април изнесува 10 отсто. Следниот месец очекуваме дека кризата ќе има помало влијание и ќе се засилат работите на терен. Нашата тенденција е да ги повториме резултатите од лани, рече денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Проектите, вкупно 21, истакна Сугарески, не се запрени, на нив се работи континуирано и непречено. Можеби се бележи послаба динамика во првите месеци, но тоа е оправдано поради зимските услови.

Тој очекува сите проекти предвидени во Буџетот на Министерството да се завршат согласно планот и динамиката.

-Заклучно со средината на април, реализацијата на капиталните инвестиции е 10 отсто. Тука не влегуваат инвестициите во патната инфраструктура, каде се бележат добри резултати со 21 процент реализација или преку 60 милиони евра. Во делот на комуналната инфраструктура се реализирани преку 110 милиони денари за изградба на водоводи и канализации или 21 процент од планираните средства преку Европската инвестициска банка и 15 отсто преку проектите од КФВ банката, информира министерот.

Во делот на гасификацијата, од предвидената една милијарда денари, досега се реализирани околу 90 милиони или околу девет проценти.

-Овој проект е приоритетен и затоа продолжуваме со силна реализација. Изградбата на гасоводот Неготино – Прилеп – Битола е 86 проценти реализиран, додека магистралниот Скопје – Тетово – Гостивар е со 58 проценти реализација. Очекуваме овие две магистрали да бидат завршени оваа година, напомена министерот.

Информира и дека за железницата Куманово – Бељаковце од предвидените 409 милиони денари досега се реализирани 70 милиони денари ли 17 проценти. Во делот на пругата од Бељаковце до Крива Паланка тендерската постапка за избор на изведувачи е во тек, пријавени се осум компании коишто влегоа во втората фаза на квалификација и очекуваме да бидеме распишан тендер, да биде избран изведувач и да се отпочне со градежните активности. Редовно се исплаќаат трансферите кон Железница Транспорт и кон Инфраструктура во тековното нивно работење.

-Во делот на социјалните станови имаме предвидено 189 милиони денари. Интензивно се работи на изградбата во Неготино, Виница, Свети Николе, Пробиштип и Бутел или вкупно 506 станови. За следниот период очекуваме целосно искористување на предвидените средства за доизградба на овие објекти, како и за изградба на нови социјални згради што планираме да започнат во наредниот период, рече Сугарески.

Интензивно се работи и на изградба и на водовод и канализација во индустриската зона Визбегово каде реализацијата е над 60 отсто. Се работи и на проекти во Битола, Кавадарци, Радовиш, Велес, Липково, Теарце, Чашка и други општини.

Реализирани се и сите средства предвидени со Декадата на Ромите.

-Министерството донесе неколку уредби со кои се олеснува работењето на транспортните компании во услови на вонредна состојба. Ги продолживме со важност сите лиценци и сертификати на возачите, ги зголемивме работните часови на возење и други мерки се со цел да овозможиме организација на работата според нивните потреби и барања, посочи Сугарески.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Зоран Китанов рече дека работата продолжува со несмалено темпо. До вчера, 24 април, ЈПДП има исплатено 3.951.600.000 денари од својот буџет за реализација на програмата или 21,3 отсто.

-Одговорно тврдам дека нема да има кратење на капитални инвестиции кои се однесуваат на инфраструктурните проекти. Од предвидените 18,5 милијарди денари, во првиот квартал се реализирани околу четири милијарди што значи дека нема никаков застој и работиме интензивно на терен, согласно временските услови и пфрепораките за заштита од коронавирусот, истакна Китанов.

Тој се осврна на позначајните проекти кои се во тек.  Автопатот Кичево – Охрид интензивно се работи на сите делници. Во меѓувреме, на изведувачот му се предадени 38 проекти за изработка на косини, дополнително уште 20 проекти се изработени од проектантот и предадени на ревизија на Градежен факултет. Автопатот Скопје – Блаце градежните активности се во почетна фаза. На изградбата на експресните патишта се работи континуирано согласно со временските услови. Експресниот пат Штип – Крупиште прва фаза во должина од 14,3 километри ова е во завршна фаза и за радост на сите жители на тој регион овој пат ќе биде пуштен крајот на јуни 2020 година. Експресниот пат Крупиште – Кочани втора фаза во должина од 13,75 километри исто така градежните работи се изведуваат без застој. Изградбата е започната минатата есен 2019 година, краен рок за изградбата е април 2021 година.

Како што информира Китанов, експресниот пат Штип – Радовиш прва фаза во должина од 23,56 километри се работи со забрзано темпо, а реализацијата е околу 83 проценти. Доколку дозволат временските услови се очекува експресниот пат да биде завршен и пред предвидениот рок којшто е наредната година април месец, но јас очекувам некаде околу Нова година веќе ќе биде завршен овој пат. Експресниот пат Штип – Радовиш втора фаза се започна минатиот месец и неговото завршување е 2022 година, но во разговор со изведувачот имаме постигнато договор да се потрудат првиот дел од Бучим до Радовиш биде заедно пуштен со делот Штип – Радовиш која ќе биде од голем придонес за жителите на југоисточна Македонија.

Експресниот пат Крива Паланка – Ранковце во должина од 25 километри градежните активности се во тек, но бидејќи изградбата на оваа делница се наоѓа во планински дел градежните работи се одвиваат согласно временските услови. Градско – Дреново должина од 15,5 километри тековно се работи. Завршени се последните експропријации, како и дополнителните геомеханички испитувања кои беа испуштени во минатото и со тоа изградбата продолжува понатаму. Експресниот пат Фариш – Дреново во должина од 10 километри, на оваа делница беше раскинат договорот заради неисполнување на обврските со Рубау, во завршна фаза е објавувањето на тендерот за доизградба на 70 отсто од нереализираните предвидени градежни работи. Подготовката на тендерската документација се изработува од страна на експерти од ЕБОР и ЈПДП. Очекуваме јавната набавка да биде објавена во мај 2020 година со што конечно и овој патен правец да биде завршен навреме.

Реконструкцијата со проширување на регионалните патишта како што се Матејче – Липково, Старо Коњарево – Ново Коњарево се во завршна фаза и очекувам мај месец веќе да бидат пуштени. Изградбата исто така на потегот од фабрика Вевчани до Здравствен дом Вевчани во јуни месец треба да заврши. Почната е реконструкцијата со рехабилитација на една битна делница, а тоа е доизградбата на трета лента на државниот пат Крива Паланка – Деве Баир и таму пред два месеци се воведе во работа тековно отпочнуваат активностите.

-Почнатите рехабилитации во 2019 година продолжија согласно со временските услови уште во текот на февруари и март 2020 година. Завршена е делницата од Пелинце до граничен премин Пелинце во должина од 5 километри. Дел се веќе во завршна фаза и тоа Ранковце – Крива Паланка 21 километар, Прилеп – Тополчани – Битола 15 километри. Лабуништа – Бороец – Јабланица 11,8 километри, Вевчани – Октиси 7,9 километри, Смоквица – Удово 6,1 километар, Сопиште – Долно Соње 3,7 километри. Очекувам овие патишта наредниот месец да бидат завршени, информира директорот.

Во напредна фаза, дополни, се и рехабилитациите Пробиштип – Крупиште 18 километри, Раброво – ГП Дојран 7,8 километри, Струга – Дрслаица – Биџево – Татеш и Мислодежда должина 7 километри. Во почетна фаза се рехабилитациите магистралниот пат Куманово – Страцин должина од 15,2 километри, Крушево – Слива – Пуста Река 14 километри, А1 делница – Раец – Фариш 9 километри, овој треба да заврши до 20 мај на задоволство на жителите од оваа регија. Мислодежда – Бажди 7,3 километри, Кочани – Пониква втора фаза 7,4 километри, Транзит низ Охрид, тоа е влезот од кај Косел бидејќи другиот влез од кај Струга го решивме, оваа година заедно со општината започна и тој дел да се средува во должина од 2 километри. Транзит низ Кавадарци, тоа е делот од кај Неготино према Кавадарци 1,2 километри почнува да се работи. Ова се вкупно 150 километри рехабилитации коишто очекувам да бидат завршени дел во мај, дел во јуни.

Со „Македонија пат“ во моментот се рехабилитираат и неколку патни правци. Завршен е Сарај – Радуша, Банско – Колешино, се работи Стари Град – Богомила, Лагово – Витолишта, Бистрица – Породи, во почетна фаза се делниците Крива Паланка – Огул, Таор – Катланово, Радовиш – Плачковица, Голозинци – крстосница Врановци, Богомила – Црнилишта.

Продолжува и изградбата, како и реконструкцијата на мостовите.

-Како потврда за нашата заложба за континуирано работење на патната инфраструктура се веќе објавените тендери за рехабилитација и реконструкција со вкупна должина од 84 километри и тоа се Кичево – Македонски Брод 25 километри, Маврови Анови – Жировница 18,5 километри, Карпалак – Желино 16 километри, Каменица – Саса 10 километри, Узен – Тораница 9 километри, Катланово – Петровец 5,5 километри. Овие тендери завршуваат во мај и веднаш ќе бидат воведени во работа и ќе отпочне таа рехабилитација, соопшти Китанов.

Во меѓувреме се очекува да бидат доставени до ЈПДП проектите за уште 15 рехабилитации на патишта во должина од 232 километра. Овие постапки ќе бидат објавени во мај.

-Тука спаѓаат Другово – Демир Хисар 42 километри, Велес – Градско – Неготино 25 километри, Крушево – Демир Хисар 24 километри, Катланово – Велес 20 километри, Подмолец – Струга – Ќафасан 19 километри, Фаришка Клисура – Прилеп 19 километри, Кривогаштани – Крушево 19 километри, Битола – Меџитлија 13 километри, Битола – Демир Хисар 12 километри, Скопје – Блаце 12 километри, Хиподром – Петровец 10 километри, Миладиновци – Хиподром 10 километри, Миладиновци – Петровец 8 километри, Пропалце – Матејче 2,7 километри, обиколница на Богданци 2,7 километри, рече директорот.

Исто така преку ЕБОР во завршна фаза е постапката за набавка на електронски систем на наплатните станици на Коридорот 8 од Миладиновци до Гостивар, по што по реализацијата на теднерската постапка ќе се почне со реализација. мч/мд/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Честитка од ВЛЕН по повод 28 Ноември – Денот на независноста на Албанија

СДСМ: Јаловите напади на ВМРО-ДПМНЕ се доказ за нивната нервоза и страв од промените во СДСМ

Филипче: Започнуваме веднаш со работа, најавувам посета на сите општински организации