Утрински Весник
Македонија

Сотирова-Бухова: Лицето кое има решение од ДСЗИ останува на домашно лекување до истекот на 14-тиот ден

Сотирова-Бухова: Лицето кое има решение од ДСЗИ останува на домашно лекување до истекот на 14-тиот ден

Скопје, 24 април 2020 (МИА) – Протоколот за лекување на Ковид позитивни лица кои со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) се ставени на домашно лекување е јасен и прецизен. Не може да се прекине постапката се до извршување на решението. Значи лицето кое има добиено решение од ДСЗИ за домашно лекување останува на домашно лекување до истек на 14-тиот ден односно тогаш ќе почне процесот на тестирање и докажување на негативен или позитивен резултат, истакна денеска директорката на ДСЗИ, Иринка Бухова – Сотирова.

Протоколот во однос на лекување на пациенти позитивни на Ковид 19 во домашни услови, потенцира, е јавен и се наоѓа на веб страницата на Министеството за здравство.

Посочи дека според протоколот, сите пациенти кои се дијагностицирани како Ковид позитивни, се асимптоматски или со лесна клиничка слика, кај кои инфектологот и епидемиологот одлучиле дека може лекувањето да биде спроведено во домашни услови, добиваат решение од ДСЗИ.

– Решението почнува со датумот од денот кога е утврдена позитивноста и трае 14 дена. Првото тестирање се изведува во домашни услови, односно адресата на која престојува пациентот. Тестирањето го изведува екипа од Центарот за јавно здравје во општината во која е сместен пациентот. Тоа е првото тестирање. Според протоколот, потребно е во следните 24 до 48 часа да се изврши второ тестирање кое ќе биде на ист начин спроведено. Ако двата резултати од лабораторијата на Институтот за јавно здравје се негативни со тоа завршува лекувањето на тоа лице во домашни услови, рече Сотирова – Бухова, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали е возможно да се скрати периодот на самоизолација на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој најави дека ќе побара да му биде издадено решение за такво нешто поради тоа што на тестот за Ковид 19 резултатот му е негативен.

Доколку едниот резултат, односно првиот, кој е земен на 14-тиот ден е се уште позитивен, нагласи таа, решението за домашна самоизолација и лекување продолжува уште седум дена, а истата претходна постапка ќе се повтори на 21-от ден.рп/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

До петок стабилно, потоа облачно со повремени врнежи од дожд

Петар е тежок 2 килограми и 350 грама: 61-годишната мајка којашто се породи на ГАК имала замрзнато јајце клетка

Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку Меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура