24 Април 2020
Би-Би-Си, Лондон
Коронавирусот не ги почитува границите, но не ги погодува сите групи на луѓе подеднакво. Различни фактори влијаат на ранливоста на различни групи, пишува Би-Би-Си и посочува дека некои од нееднаквостите ја вклучуваат и расата.
Во Чикаго 72 отсто од луѓето што починале од новиот коронавирус на почетокот на април биле црнци, иако црната раса сочинува само една третина од населението во градот.
Во Велика Британија, од 1.249 пациенти позитивни на Ковид-19, 35 отсто од нив биле белци, а во Англија и Велс, според послениот попис на население, оние кои не се белци сочинуваат 14 отсто од населението.
Би-Би-Си како прва причина зошто одредени раси се повеќе погодени од вирусот ја наведува нееднаквоста во висината на приходите. Во многу земји каде преовладува белата раса, како САД, луѓето од другите етнички и расни групи имаат помал пристап до економските ресурси, односно помалку заработуваат.
Дури и пред пандемијата со коронавирусот, 91.1 отсто од населението во Јужна Африка кое е загрозено од глад го сочинуваат црнци, додека белците сочинуваат 7.9 отсто од населението.
Во САД, на пример, афроамериканците имаат поголема веројатност да заболат од дијабетес, срцеви болести и хипертензија, што ги ослабнуваат белите дробови и имунолошкиот систем, а луѓето што ги имаат тие заболувања најверојатно ќе развијат тешки симптоми на Ковид-19.
Би-Би-Си укажува на тоа дека одредени групи се повеќе погодени од економските последици на коронавирусот.
Економската нееднаквост не е единствено нешто што погодува одредени групи. Би-Би-Си наведува дека голем број домаќинства со етнички малцинства во Северна Америка и Европа живеат во близина на депонија, а училиштата каде голем дел од учениците се малцинства се наоѓаат во близина на автопат и индустриски места, што исто така влијае на респираторното здравје.
Освен тоа, ширум светот одредени расни и етнички групи работат ризични професии.
На пример, 26.4 отсто од вработените во транспорт во Лондон се од малцински заедници, а во САД земјоделците се често мигранти од Латинска Америка и не им е обезбедена сигурност во работата бидејќи е тешко да се обезбеди физичка дистанца на полињата и изолација во камповите за земјоделските работници, пишува Би-Би-Си.
Разликата во населеноста исто така предизвикува различни групи различно да бидат погодени од вирусот. Пренатрупаноста најверојатно влијае на тоа колку некоја група е ранлива.
Резултатите од едно истражување покажуваат дека во Најроби 85 отсто од испитаниците изјавиле дека немаат место во своите домови да изолираат болна личност, а 82 отсто од населението не може да остане дома 14 дена, најмногу поради загубата на приходи. Исто така, 37 отсто од испитаниците не можат често да ги мијат рацете, поради недостиг на вода.
На ранливоста на одредени групи влијаат и јазичните бариери, истакнува Би-Би-Си и укажува на тоа дека на почетокот на пандемијата на коронавирусот голем дел од упатствата од здравствените установи биле на доминантни јазици. ки/јт/