Утрински Весник
Македонија

Димитров: Членството во НАТО и одлуката за преговори со ЕУ – силна порака за перспективата на регионот

Димитров: Членството во НАТО и одлуката за преговори со ЕУ – силна порака за перспективата на регионот

Скопје, 23 април 2020 (МИА) – Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска учествуваше на он-лајн видео конференција во ко-организација на Економскиот форум во Делфи и Атлантскиот совет, насловена „Дипломатија во кризни времиња и други алатки за влијание во Југоисточна Европа во доба на КОВИД-19“.

Димитров во воведното излагање се осврна на влијанието и значењето на пристапувањето на Северна Македонија во НАТО Алијансата, како и одлуката на Советот на ЕУ за почеток на пристапни преговори со земјава, историски заеднички успеси што се постигнаа во тешки моменти за сите земји, со што се даде силна и кредибилна порака за европската перспектива на Регионот, но и за вистинската сила и способност на двете организации да се прилагодат на новосоздадените услови и да донесат и други значајни стратешки одлуки, соопшти МНР.

– Овие два историски и долгоочекувани исчекори – членството во НАТО и одлуката за почеток на пристапни преговори со ЕУ претставуваа зраци на светлина и надеж за нас, за Регионот, во еден исклучително тежок период за целиот свет. Претставуваа и симбол за моќта на двете организации да носат стратешки важни и визионерски одлуки во кризни времиња. Покрај одредени перцепции, креирани пред сè од несоодветно информирање, овој Регион се движи непоколебливо кон ЕУ и скоро сите земји од Западен Балкан кон НАТО Алијансата. Благодарни сме за досегашната поддршка, која се надеваме ќе продолжи и во идното справување со последиците од овој заеднички непријател. Неопходно е координирано заедничко дејствување во духот на вистинска солидарност и отворена соработка меѓу земјите, како побргу би излегле од тунелот., истакна Димитров.

Меѓу панелистите беа разменети мислења за различните начини на соработка за надминување на пандемијата и последиците од истата, особено во научната и економската сфера, за мерките кои земјите од ЈИЕ ги преземаат, за помошта од страна на земјите членки на НАТО и ЕУ. Фокус беше ставен и на предизвиците поврзани со различните влијанија, меката моќ на глобалните сили, како и различните наративи и дезинформации поврзани со справување со пандемијата и помошта и меѓународната соработка.

Покрај министерот Димитров, на виртуелниот панел учествуваа и Александрос Диакопулос, советник за национална безбедност во кабинетот на премиерот на Грција, Метју Палмер, заменик помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Дејмон Вилсон, извршен потпретседател на Атлантскиот Совет и Катерина Соку, новинарка од дневниот весник Катимерини и дописник од Вашингтон.сст/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Тошковски: Некој намерно отвора хајка против МВР преку случајот со „шпионажа“ од кабинетот на претседателката

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ утре во посета на Македонија

Давкова ќе ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards”