Утрински Весник
Македонија

Здружението на приватни лекари бара матичните лекари во Дебар да не прават и крвни анализи на пациентите

Здружението на приватни лекари бара мерки за заштита од коронавирусот

Велес, 23 април 2020 (МИА) – Здружението на приватни лекари денеска побара од Министерство за здравство да го измени решението матичните лекари во Дебар да прават и крвни анализи на 10 проценти од нивните пациенти.

Претседателот на Здружението, Лилија Чолакова Дервишова на прес-конференција рече дека предлагаат проблемот да се решава локално преку Општинскиот Кризен штаб на Дебар заедно со градоначалникот, кој за оваа здравствена активност треба да ги вклучи останатите здравствени работници од Дебар, кои ги имаат на располагање.

Како што појасни доктор Чолакова Дервишова, со оваа дополнителна активност некои од матичните лекари имаат по 100, но некои имаат и по 285 пациенти кои треба да ги повикаат во рок од три дена за правање крвна анализа.

– Нашата реакција е да се стопира малку со сите овие активности, бидејќи ние матичните доктори  никогаш не сме откажале дополнителни работи и секогаш сме покажале дека сме на задача. Со тоа и здравствениот систем не почувствувал досега ниту еден пропуст. Потсетувам дека согласно наредбите на Министерството за здравство пациентите треба да бидат на дистанца и да нема групирања, а ова ќе биде спротивно на овие наредби и овие луѓе непотребно ќе ги изложиме на ризик, бидејќи еден матичен доктор ќе треба во својата чекална да повика 100, 200 или 300 луѓе, со што ќе го загрози нивното здравје, потенцира д-р Чолакова Дервишова.

Таа го праша Министерството за здравство дали матичните доктори ќе треба по цел ден да земаат крв, што ќе значи плус 50 работни часа или да прегледуваат пациенти.

Здружението предлага овие крвни анализи да се прават во шаторот, кој е поставен пред Здравствениот дом во Дебар или да се искористат центрите за јавно здравје, како и медицинските сестри кои се слободни од лабораторија, екипи од педијатрија, од специјализантите, кои сега се слободни и не одат на специјализација. Со тоа, посочи таа, матичните доктори ќе се изостават од оваа дополнителна работа за да можат успешно да ја извршуваат секојдневната напорна работа во овие вонредни околности.

– Што ќе се случи со 13 матични доктори од Дебар, бидејќи сите имаат контакт со некој позитивен на вирусот и дали тоа ќе значи и сите матични доктори да ги ставиме во карантин. Тогаш кој ќе го работи примарното здравство. Ние се плашиме за здравјето на тие 10 илјади жители и 13 матичнни доктори, а дополнителна опасност е што најголем дел од тие матични доктори се на постара возраст. За пример матичен гинеколог кој има 70 години и останал да работи во Дебар во интерес на здравјето на женската популација во градот, дали ќе прегледува жени или ќе зема крв, праша д-р Чолакова Дервишова.

Таа од свое и името на своите колеги матични доктори го повика Министерството за здравство да го преиначи решението и да остават локално да се организираат преку Општинскиот Кризен штаб на Дебар, кој според неа, одлично работи заедно со градоначалникот.

– Тој за оваа намена може да го организира и  целокупниот медицински персонал, кој го имаат на располагање, предложи д-р Чолакова Дервишова. ад/рп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Од полноќ намалување на цените на горивата

Од полноќ намалување на цените на горивата

Ковачевски: Од минималната плата од 8 илјади во 2017, сега стигнавме до 24 илјади денари