Утрински Весник
Македонија

Чулев предлага ограничувањето од 19 до 05 часот да важи и за време на викендите

Чулев: МВР најостро ќе постапи за ширење лажни вести на социјалните мрежи поврзани со коронавирусот

Скопје, 21 април 2020 (МИА) – Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев смета дека мерките за ограничување на движењето може да се релаксираат. Неговиот предлог е движењето да биде ограничено од 19 до 05 часот и тоа да важи и за време на викендите. Постарите лица би се движеле од 05 до 12 часот, а младите од 13 до 19 часот.

Овој предлог, како што изјави вечерва во емисијата „Топ тема“ ќе го даде на утрешната владина седница.

– Мерката за забрана за движење е воведена на 22 март и веќе поминаа 30 дена. Претходниот викенд имаше најдолго ограничување на движењето од 85 часа и како Министерство за внатрешни работи кое секојдневно е присутно на терен можевме да утврдиме дека има зголемено негативно влијание врз социјалната состојба кај граѓаните, се чувствува тензија. Истовремено и совеста кај граѓаните во однос на личната заштита е на многу повисоко ниво. Така што тргнувајќи од овие два аспекти, а и од тоа дека нема некое драматично зголемување на бројот на заразените, сметам дека ограничувањето на движење треба да биде од 19 до 05 часот и тоа да важи и за викендите, рече Чулев.

Најави дека ќе предложи и укинување на забраната за движење по шуми и паркови, но притоа да се носи заштитна опрема.

– Јас сум да се носи заштитна опрема, но за сметка на тоа да се релаксира ограничувањето на движењето. Нормално да се почитува и препораката за држење на растојание од два метра, истакна Чулев. бак/са/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Тошковски: Некој намерно отвора хајка против МВР преку случајот со „шпионажа“ од кабинетот на претседателката

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ утре во посета на Македонија

Давкова ќе ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards”