Утрински Весник
Македонија

Граѓанскиот сектор бара Владата да ја промени одлуката со која им ја намали поддршката за 525.000 евра

Граѓанскиот сектор бара Владата да ја промени одлуката со која им ја намали поддршката за 525.000 евра

Скопје, 21 април 2020 (МИА) – Вкупно 73 граѓански организации, мрежи и платформи бараат Владата да ја преиспита и промени одлуката со која финансиската поддршка за невладиниот сектор се намалува за околу 525.000 евра.

Одлуката е објавена во Службен весник на 9 април 2020 година, а граѓанските организации сметаат дека е донесена на нетранспарентен начин, без консултација со нив и пошироката јавност.

– Оваа одлука со која финансиската поддршка, зависно од институцијата, или целосно се укинува или сериозно се намалува, е донесена на нетранспарентен начин, што говори за непринципиелниот однос на Владата кон граѓанското општество во ова кризно време. Со тоа што се намалуваат приближно 525.000 евра неопходна поддршка, државата де-факто го иззема граѓанското општество како релевантен партнер во справувањето со кризата предизвикана од Ковид-19. Имаме целосно разбирање за кризната состојба и за потребата од солидарност, но во услови кога работиме на санирање на штетите од новонастанатата ситуација со што и помагаме на Владата во справувањето со здравствената криза, вакви сериозни намалувања ќе бидат штетни по долгорочната работа на граѓанските организации. Заради тоа ја повикуваме Владата да ја промени својата одлука и преку дијалог и на транспарентен начин да врати дел од средствата за нивната првична намена – поддршка на граѓанските организации за остварувањето на нивните мисии и цели, но особено за поддршка на активноститеза справување со кризата предизвикана од епидемијата, наведува граѓанскиот сектор.

Како што стои во реакцијата, намалувањето на поддршката сериозно ја отежнува одржливоста и тековната работа на организациите, особено во однос на нивната помош и поддршка на заедниците во време на криза.

– Намалувањето на финансиската поддршка го лишува секторот од значаен извор на средства неопходни за функционирање во и вон услови на криза, ја загрозува достапноста на поддршката што организациите ја пружаат на граѓаните и во крајна линија ќе доведе до ситуација во која луѓе од секторот ќе останат без основниот извор на приходи, пишува во барањето потпишано од 73 граѓански организации, мрежи и платформи кое и официјално е доставено до Владата. мч/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Ранѓеловиќ: На фронтот во Украина се борат и платеници од Колумбија

Мицкоски: Не сум импресиониран од ова раководство на СДСМ

Мицкоски не бил импресоиниран од новото раководство на СДСМ