Делчево, 17 април 2020 (МИА) – Во Делчево граѓаните ги користат последните часови пред почетокот на викенд полицискиот час за посета на православните храмови како дел од одбележувањето на Велики Петок. По повод празникот црковни служби се одржаа во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ и соборниот храм „Св.Кирил и Методиј“ каде верниците ја одржуваа потребната дистанца согласно препораките за надлежните.
-Христијанството денеска го одбележува Велики петок, денот на страдањата и смртта на Исус Христос. Според преданијата, Исус починал во шестиот час од денот, кога завесата на Ерусалимскиот храм се преполовила, сонцето се затемнило, мртвите станале од гробовите, а сите ѕвона се распукале. Оттогаш не бијат дрвени ѕвона на Велики петок, камбаните не се огласуваат се до недела, кога за првпат ќе ја означат радоста за Христовото Воскресение, истакнаа свештениците во својата беседа во рамки на црковната служба.
Поради забраната за работа на градскиот пазар кој не работи поради мерките за заштита од КОВИД-19, граѓаните денес потребните продукти за Велигденската трпеза ги набавуваа од локалните маркети и пиљари.
-Купуваат најчесто градинарски производи, млад кромид, лук, марула како и јужно овошје и зеленчук, истакнаа од локална пиљара во Делчево.
Непочитување на мерката граѓаните да не се групираат во поголема група од двајца, единствено беше забележлива во градскиот парк, претежно од помладата популација. вс/ев/