Скопје, 17 април 2020 (МИА) – Во Секторот за внатрешни работи – Охрид, вчера во 13.05 часот И.П.(29) од Охрид пријавил дека од страна на непознати лица со патничко возило „фолксваген голф“ бил грабнат неговиот брат Б.П.(33) од населба Рача – Охрид. Притоа, тој добил порака да даде пари за да биде пуштен брат му. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во Полициска станица Петровец вчера околу 14.00 часот, Е.Л.(39) од с.Чифлик, скопско, кој бил повреден во ногата, пријавил дека во 13.45 часот на место викано „Шамак“, во атар на с.Петровец, скопско, по претходна меѓусебна расправија, Х.С.(19) од с.Петровец, со пиштол му пукал во ногата. Полициски службеници излегле на местото на настанот каде бил пронајден Х.С., со повреда на главата од тап предмет, кој изјавил дека бил нападнат од Е.Л., кој потоа сам си пукал во ногата. На Е.Л, Х.С. и неговата сестра Ф.С., за која не е познато како се здобила со повреди, им е укажана лекарска помош во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ и Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Увид извршила увидна екипа од СВР Скопје, а за настанот е известен Јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Вчера во 11.40 часот во СВР Скопје, В.К.(39) од Скопје, пријавил дека во 11.00 часот пред продажен објект на ул.„Благое Паровиќ“ во Скопје бил физички нападнат од непознато лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Вчера во 10.00 часот во Полициска станица Кисела Вода, Љ.С.(64) од Скопје пријавил дека во с.Сопиште, скопско, бил каснат од куче скитник во пределот на потколеницата.
Утринава во 06.15 часот на магистралниот пат Охрид – Кичево, кај с.Другово, кичевско, во близина на место викано „Разделна станица“, се случила сообрајќајна незгода помеѓу трактор „тафе“, без регистарски ознаки, управуван од М.Р.(59) и патничко возило „опел мерива“, со кичевски регистарски ознаки, управувано од Л.С.(50), и двајцата од с.Другово. По незгодата, М.Р. бил пренесен во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на незгодата извршила увидна екипа од Полициска станица Кичево.
Вчера во 14.27 часот во СВР Штип, М.К.(21) од Штип пријавил дека околу 14.10 часот во круг на фабрика на ул.„Гоце Делчев“ во Штип бил физички нападнат од М.С. од с.Кучичино, Општина Чешиново – Облешево. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Вчера во 16.20 часот во СВР Штип било пријавено дека околу 15.20 часот во Итна медицинска помош во Пробиштип бил донесен Ј.А.(61) од Пробиштип, кој се здобил со повреда при работа во фабрика во Пробиштип. Повредениот бил пренесен во Клиничката болница во Штип, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициска станица Пробиштип.
Вчера во 23.30 часот во Полициска станица Радовиш, Т.К.(47) од Радовиш, кој претходно бил лишен од слобода поради сторено кривично дело по чл.206 од Кривичниот законик, при обид да биде задржан во просториите на Полициската станица, физички ги нападнал полициските службеници. По целосно документирање на случајот, против него ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. оџ/