Утрински Весник
Магазин

Во Тиквешко со вино ги вапцаа велигденските јајца

Во Тиквешко со вино ги вапцаа велигденските јајца

Кавадарци, 17 април 2020 (/) – Со вино ги вапцаа велигденските  јајца во Тиквешко. На ваков оригинален начин се дочекува големиот христијански празник Велигден,  во најголемиот винарски регион во државата. Елена Богева е енолог и за / денеска раскажа дека со ваквиот начин на вапцување на велигденските јајца, тие добиваат прекрасна боја и магични кристали, и овој обичај не само што е традиција, туку има и еколошка димензија.

-Виното се смета дека е Исусовата крв  и се принесува за причестувања  на верниците кои  се причестуваат во црковните храмови. Велигденските пости, се и најдолгите пости од шест седмици, каде најголем број верници – христијани,  се придржуваат на адетите и православната религија, голем дел од нив се причестуваат во вечерната литургија во сабота или во неделната литургија на првиот ден на Велигден, појасни Богева, која е и потпретседател во Здружението на македонски винари.

Но покрај тоа, нагласи таа, виното нашло примена и во традицијата  при вапцување на велигденските јајца.

-Црвеното вино „вранец”  нашло примена при вапцување на велигденските јајца, од причина што  е богато со полифеноли и боени материи кои на јајцето кое е симбол на животот,  му даваат  и прекрасен природен вински сјај, збогатен со прекрасни вински кристалчиња. Уживање е кога се прават велигденските јајца, посебно кога за оваа подготовка се користат природни бои, како што е нашиот ,,вранец”. Така виното  и јајцето, во комбинација  заедно, се христијанските симболи на животот-крв и живот, додаде Богева.

Таа лично годинава вапцала велигденски јајца од старо и младо црвено вино од сортата ,,вранец”. Сакала да направи споредба колку староста на виното има влијание врз интензитетот на бојата која ја добиваат велигденските јајца.

Според рецептот кој за / го сподели технологот Милена Ристов, најпрво се земаат бели јајца,  се мијат добро и се сушат,  па се ставаат во сад со оцет да отстојат 30 минути. Потоа се истура оцетот и се става црвено вино, убаво да се залијат, па се варат. После тоа се тргаат од оган и се остават во виното извесно време.

Семејството Пешкови има семејна винарија, а годинава за втор пат наместо со бои или најразлични други начини, велигденските јајца ги има вапцано со вино.

-Ланската година ни дојде до идеја дел од јајцата да ги фарбаме во црвено вино. Туривме десетина јајца во домашно црвено вино „вранец” и заедно ги ставивме на шпорет. Откако се сварија јајцата ги извадивме од виното и глетката беше воодушевувачка, се створија кристали. Фарбањето со вино е здраво и без хемикалии. Сите знаеме дека вештачките бои содржат хемија и не се безбедни, на јајцата што напукнале им има влезено од течноста. Оваа година се обидовме да фарбаме јајца и со бело вино, бојата е таа но кристалите исто ги има во голем број. Нашата семејна винарија има неколку црвени вина и од различни црвени вина излегува различна боја. Здравје за другата година ќе пробаме и од другите видови вино.  Кристалите се создаваат од винската киселина. Така што колку повеќе винска киселина, толку повеќе кристали, рече Зоран Пешков за /.

Го прашавме, како од бело вино добиле жолто исфарбани јајца, а тој појасни дека тоа зависело од виното. Жолтите јајца се добиени откако се исфарбани со малку постаро бело вино, од сортата „шардоне”. Постарите бели вина, ја менуваат бојата и ја губат винската киселина, па има помалку кристали, вели Пешков. свд/вг/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Еве зошто одењето е поздраво од трчањето

Ангелските души се раѓаат во овие три знаци! На нивната добрина и нема крај

Печурките имаат магично својство! Ја подобруваат меморијата и ја намалуваат анксиозноста