Дебар,15 април 2020 (МИА) – По топлите денови, вчерашниот попладневен дожд и ветер во текот на ноќта дебарскиот регион го обеле пролетен снег.
Дебелината на снежната покривка изнесува од десеттина сантиметри во пониските до 20 сантиметри во повисоките населени места, а во планините и повеќе.
Освен убавината што со себе ја носи, снегот не создаде проблем во нормалното одвивање на патниот сообраќај. Сепак, се препорачува внимателно возење поради остатоци од кашест снег на коловозите.
-Сообраќајот се одвива непречено но по влажни коловози, на кои има остатоци од кашест снег. Нашите екипи се постојано на терен, го засчистуваат снегот од коловозите. Имаме доволно абразивен материјал, сол и песок и нема никаков проблем. Сепак, препорачуваме внимателно возење и строго почитување на сообраќајната сигнализација, како поради влажниот коловоз, така и поради можноста од појава на
одрони,изјави Деар Лиманоски, раководтел на дебарсклата секција на „Македонија пат“.
Под надлежност на дебарската секција се делницата Дебар-Жировница, на патот кон Маврово, Дебар-Глобочица, кон Струга, патот Мелнички Мост-Центар Жупа, кракот од Бошков мост кон селата од Мала Река,како и патот кон граничниот премин „Блато“ или во должина од околу 120 километри.
Снегот секако е добредојден за зголемување на влажноста на почвата,како и на дотекот на вода во реките а со самото тоа и во акумулацијата „Дебарско Езеро“.вт/