Утрински Весник
Македонија

Анкета: 67% од студентите не сакаат онлајн испити, 30% воопшто не учат додека се во самоизолација

Анкета: 67% од студентите не сакаат онлајн испити, 30% воопшто не учат додека се во самоизолација

Затворањето на вратите на факултетите ширум државата поради состојбата со корона вирусот го стави македонскиот образовен систем пред нов предизвик: како да се постапи во непредвидлива ситуација, а притоа студентите и образованието да не претрпат штета? Барањето решенија започна веднаш, а еден месец по затворањето на амфитеатрите и предавалните, најголемиот дел од студентите наставата ја следат од своите домови со помош на средствата за електронска комуникација.

Анкетата беше спроведена онлајн во соработка меѓу Новинската агенција Мета и администраторите на инстаграм профилот @studentarijamk. Станува збор за затворен профил на Инстаграм кој има повеќе од 14.000 следбеници, главно студенти. Прашањата беа поставени онлајн на 8 и 9 април а одговорија 2.537 испитаници. Иако не станува збор за професионално спроведена анкета со репрезентативен примерок, сметаме дека резултатите даваат релевантна слика за мислењето на студентите за промените во начинот на образование додека трае корона кризата.

Резултатите покажуваат дека одговорите на студентите се јасни во однос на тоа дека знаењето не смее да трпи, а искористувањето на технологијата во образовниот процес е најдоброто решение во ситуацијата во која се наоѓа општеството во моментов.

Според дадените одговори на анкетата, 92% од студентите потврдуваат дека на нивниот факултет се спроведува далечинско учење, популарно познато како  „онлајн настава“. Пристапот и начинот на кој се оддржуваат предавањата се предмети на одлука на самите факултети, па така, различни дигитални платформи, софтвери и алатки го најдоа своето место како посредници помеѓу професорите и студентите. Во најголемиот број случаи (повеќе од 90%) онлајн учењето се спроведува преку видео настава, при што, студентите го гледаат и слушаат професорот, истовремено на екранот следејќи ги материјалите за наставата. Најчесто користени во вакви случаи се платформите и алатки како Zoom, Microsoft Teams и Eyeson. Речиси 9% одговориле дека видео настава немаат, но затоа  добиваат  материјали и вежби од мои можат да учат. Одредени факултети, како Факултетот за информатички науки и компјутерко инженерство, користат сопствена платформа за видеоконференциски повици.

На овој факултет, како што објаснуваат во одговорите самите студенти, е вклучен Big Blue Button („Големо сино копче“) системот па според распоредот на предавања што го имаат се вклучуваат во живо, каде професорите преку аудио, презентации и screen share го предаваат материјалот.

„Интеракцијата е најчесто преку чет со опција за поставување аудио прашања. Професорите можат да ги снимаат предавањата и потоа да ни остават достапни за слушање во секое време. Имаме и редовни термини за консултации со професорите“, вели еден студент на ФИНКИ од Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ (УКИМ).

Еден од студентите на Факултетот за безбедност на Универзитетот „Св Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) вели дека предавањата се одвиваат преку групни видео повици на алатките Eyeson или Google Hangouts Meet.

„Ја гледаме презентацијата, додека професорот го предава материјалот. Камерите и микрофоните ни се исклучени. По потреба, ги вклучуваме доколку сакаме да дискутираме или да прашаме нешто“, вели студентка на Факултетот за безбедност, УКЛО.

Иако ваквата настава е најсоодветна во моментов, успехот на нејзиното фунцкионирање е дискутабилен. Организацијата и спроведувањето на далечинското учење, од студентите кои одговорија на анкетата беше оценето во просек, со оценка 3,5 на скала од 1 до 5.

На прашањето да ја оценат ефикасноста на онлајн наставата во споредба со класичната во амфитеатар, пак, на скала од 1 до 5, просечната оцена е уште помала: 2,9.

И додека дел од професорите мака мачат за да им излезат во пресрет на студентите и да не заостануваат со програмата, сепак, на повеќето факултети, онлајн настава се одвива за само еден од неколку предмети.

Еден од студентите на Машинскиот факултет одговорил дека дел од професорите воопшто не спроведуваат онлајн настава и тоа е еден од главните проблеми. „Наставата по предметите кои ги слушаме е сосема во ред, со оглед на можностите. Морам да кажам дека има професори и асистенти кои навистина се трудат сè да биде како што треба, но секако ги има оние кои ни рекле сами да го совладаме материјалот“, студент на Машинки факултет, УКИМ.

Една друга студентка на Филозофскиот факултет на УКИМ, пак посочува дека има онлајн предавања по само еден предмет, додека во тековниот семестар имаат 5, а некои студенти и 6 предмети.

Сепак, студентите се согласни дека многу подобро е да имаат некаков вид на настава, отколку истата воопшто да ја нема и да бидат препуштени сами на себе, или пак, да го повторуваат семестарот.

„На никого не му е по желба ова. Лично сметам дека е  подобро нешто, отколку ништо да не се спроведува и да изгубиме семестар. Претставува и ментален стимул кој нè трга од депресивните вести кои ги слушаме секој ден. Се надевам дека ова што побрзо ќе помине и ќе се вратиме на нашето нормално секојдневие“, вели студент од Факултетот за ветеринарна медицина на УКИМ.

Дел од анкетираните студенти, вината за одредените пропусти во онлајн наставата ја префрлаат на образовниот систем, во кој, велат, државата нема инвестирано доволно.

„Дискутабилна е ефективноста на онлајн наставата. Како настава која моментално е единствена опција е супер. Но, самата држава нема доволно вложено во онлајн наставата со што ефикасноста зависи од самиот професор и неговото справување со ситуацијата“, вели студент на Факултет за информатички науки и технологии од Универзитетот „Св Климент Охридски“ – Битола (УКЛО).

На повеќето факултети беше предложено, а на дел од нив и спроведено онлајн тестирање на знаењето. Анкетата покажа дека две третини (67,37%) од студентите се против ваквиот начин на полагање колоквиуми.

Резултатите и оценувањето, велат, би биле нерелевантни и необјективни затоа што се остава поголем простор за злоупотреба и измама за време на полагањето. Исто така, постои и можноста од појава на технички пречки и проблеми.

„Иако е многу полесно за студентите, ваквиот начин на полагање би бил непрактичен, а добиените резултати нема да бидат реални. А и никој не ни гарантира дека системот нема да падне или дека ќе има стабилна интернет конекција цело време, што е дополнителен стрес во и онака стресна ситуација“, вели еден студент кој сакаше да остане анонимен.

Друг студент потсетува дека целта на тестовите е да го провери нивното знаење, а не кој повеќе ќе се снајде за десетка.

„Нема поента од проверка на знаење кога знаењето ќе го имаме пред нас и можеме да препишеме. Би било нефер кон оние кои се трудат и учат, тие би биле оштетени. Плус, не сите имаат услови од дома да учат  и полагаат“, додава тој.

Околу една третина од оние што одговориле на прашањата, онлајн полагањето е во ред и сметаат дека нема потреба да се чека да заврши состојбата на изолација.

Големи се разликите меѓу студентите околу времето кое го поминуваат во учење додека се дома. На прашањето „Колку време во денот поминувате во учење додека сте во изолација (не сметајќи го времето поминато во онлајн настава“ точно една третина (30%) рекле дека воопшто не учат. Нешто повеќе од една третина (35%) одговориле дека во просек поминуваат од 1 до 3 часа дневно во учење. Истовремено 19% рекле дека учат помалку од еден час дневно, а 16% повеќе од 3 часа дневно.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината

Неработни денови за 2025 година

СДСМ во среда избира нови секретари и потпретседатели: Ќе има ли изненадувања?