Утрински Весник
Македонија

Поддршка од УСАИД и УНИЦЕФ за ранливите семејства во време на пандемијата од Ковид-19

Поддршка од УСАИД и УНИЦЕФ за ранливите семејства во време на пандемијата од Ковид-19

Скопје, 13 април 2020 (МИА) – Со поддршка од УСАИД и УНИЦЕФ, 2.350 пакети и хигиенски производи ќе бидат дистрибуирани за семејствата во државава од кои 1.000 во Шуто Оризари, 500 пакети за семејствата од населбата Тризла во Прилеп, 500 пакети за семејствата од Бајро во Битола, 250 пакети за семејствата од населбата Керамидница во Гостивар и 100 пакети за семејствата од населбата Црник во Делчево.

Премиерот Оливер Спасовски и амбасадорката на САД во државава Кејт Брнз денеска го посетија дистрибутивниот центар на Црвениот крст во Момин Поток.
-Сакам да ја изразам мојата, и благодарноста на Владата, во име на народот на Северна Македонија, до УСАИД и УНИЦЕФ за нивната помош во напорите на државата да одговори на КОВИД-19. Посебно признание сакам да изразам до сите волонтери на Црвениот крст, коишто се максимално посветени и вклучени во справувањето со оваа здравствена криза. За семејствата кои живеат во супстандардни услови подготвени се пакети со хигиенски и заштитни средства и тие ќе се дистрибуираат во соработка со тимовите на Црвен крст, истакна Спасовски.

Ако сакаме да излеземе како победници во оваа битка, додаде премиерот, многу е важно да ги прифатиме и спроведуваме мерките за претпазливост како што е физичката дистанца, да ги сведеме контактите на најнеопходните и да го оневозможиме пренесувањето на вирусот.

Соединетите американски држави одвоија 1,1 милион американски долари во напорите за борба против КОВИД-19 во Северна Македонија преку грант од УСАИД. Од вкупната сума, 500 илјади долари се наменети за поддршка на напорите на Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) кој ќе помогне во запирање на натамошното пренесување на Ковид-19 во земјата и во намалување на ефектите од пандемијата врз семејствата и децата, со фокус врз најранливите граѓани.

-Во име на Соединетите држави, сакам да оддадам признание на тимот УНИЦЕФ што ги зајакнува напорите на партнерите во нашата земјата за запирање на ширењето на овој вирус и грижата за најпогодените, кои се погодени не само физички, туку и социјално и емоционално, рече амбасадорката Брнз.
Средствата ќе се искористат за јакнење на комуникацијата со граѓаните и вклучувањето на заедниците од најголем ризик, преку пораки според возраста и полот за да се спречи ширењето на Ковид-19, психо-социјална поддршка и упатства за родителите и старателите како и обезбедување неопходни хигиенски и други материјали потребни за заштита од коронавирусот, вклучувајќи сапун, детергенти и прибор за хигиена за центрите на изолација…

За време на посетата амбасадорката Брнз изјави дека чест и е да се приклучи кон УНИЦЕФ и Владата во оддавањето признание за работата на Црвениот крст и неговите волонтери кои несебично се даваат себеси за да помогнат соодветно да одговорот на кризата од Ковид-19.  -Исто така, сакам да им се заблагодарам на Владата на Северна Македонија и на Министерството за труд и социјална политика кои ги предводат напорите за работа со најзагрозените граѓани и ранливите заедници во време на оваа криза, истакна амбасадорката Брнз.

Претставничка на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани изјави дека додека земјата спроведува критични јавно-здравствени мерки за да го забави ширењето на вирусот, не смееме да заборавиме да им посветиме посебно внимание на децата и семејствата кои веќе се соочени со секојдневни предизвици поради сиромаштија, исклученост и негативни искуства.

-Пандемијата претставува екстремен предизвик, кој уште повеќе ги зголемува секојдневните проблеми. Горди сме што соработуваме со многу партнери кои неуморно работат за да им го олеснат животот на сите и за да ја пребродиме оваа криза заедно, особено насочувајќи се кон најранливите во нашата заедница, истакна Патриција ди Џовани. бк/дма/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Спасовски со честитика за 55 години постоење на Хеликоптерската единица на МВР

Таравари итно хоспитализиран: Доживеав ненадеен колапс

Една година од убиството на малата Вања Ѓорчевска