Утрински Весник
Македонија

Новинарите во првите борбени редови против пандемијата, да останат храбри со зборовите, а претпазливи со дружењата

Новинарите во првите борбени редови против пандемијата, да останат храбри со зборовите, а претпазливи со дружењата

Скопје, 11 април 2020 (МИА) – Новинар позитивен на коронавирусот, четворица новинари од Канал 5 во самоизолација, телевизијата тврди преземени се сите мерки за заштита, политичарите се солидаризираат со новинарите. Ова е епилогот од вчерашниот ден кога повторно се отвори прашањето за новинарската фела и колку таа е вистински вреднувана во овие вонредни услови на работа, кога препораките се да се седи дома и колку е можно да се огранични движењето надвор со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.

Но иако изминатиот период беа изнесувани јавни заложби од страна на политичарите дека ќе застанат зад новинарите и оти тие се во првите борбени редови се отвора прашањето колку тие се безбедни во услови на пандемија на Ковид-19, со оглед на тоа што нивната работа е теренска, медиумските работници излегуваат на терен за да ги известат граѓаните за се што се случува во нивната земја.

На оваа тема разговаравме со претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски и со првиот човек на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници Ѕвездан Георгиевски.

-Прашање на време беше кога ќе се случи да има некој заболен од новинарската страна кај нас, затоа што тоа веќе се случи во неколку редакции од надвор. Покрај толку медицински персонал и полицајци, за очекување е дека новинарите нема да останат имуни на глобалната пандемија. Сите сме во секојдневна комуникација и со луѓе и на терен, но и во редакциите. Безбедност 100 отсто нема, зошто овој непријател е невидлив, но тоа не значи дека не треба да ги преземаме сите можни мерки, нагласува Чадиковски за МИА.

Првиот човек на ЗНМ вели дека оние кои можат да работат од дома, треба да го прават тоа, оние редакции што можат да си дозволат работа во групи, мора да го направат тоа.

-Маските и ракавиците се само дел од заштитата, но недоволна, ако не сме свесни дека мора да се намали дружењето и да се претвори во дружење на дистанца, додава Чадиковски.

ЗНМ подготви специјален прирачник за етичко известување и безбедност при работа, за кој инсистира да се почитува. Чадиковски информира дека прирачникот како единствен сеопфатен водич беше преведен и на англиски и на албански, а е испратен и во Европската федерација на новинари, која го дистрибуираше до сите свои членки во Европа како практичен водич за справување на новинарските редакции во услови на пандемија.

-Ова говори за сериозноста со која пристапивме кон проектот. Еве и од Советот на Европа од Киев, побараа дозвола за преведување на прирачникот и негово користење. Секако, за да бидеме доволно заштитени треба сите да се придружуваме до насоките, не само новинарите, туку и компаниите во кои работиме. Повеќето ги прифаќаат овие забелешки, додава Чадиковски.

Георгиевски нагласува дека медиумските работници се безбедни онолку колку што, во рамките на своите можности, самите ќе се обезбедат.

ССНМ, потсетува Георгиевски побара од Владата и од Кризниот штаб на редакциите и на медиумите организирано и системски да им се обезбеди соодветна заштита (ракавици, маски, дезинфекциски средства…), но, како што додава, менаџерите на кризната состојба останале неми на тие барања.

-Она што нам ни останува е да апелираме и да се надеваме дека целата работа ќе помине со што помала штета. ССНМ редовно ги објавува и реобјавува препораките за заштита на новинарите што ги донесе Меѓународната новинарска федерација (IJF) и кои можат да се најдат на нашиот сајт www.sssnm.org.mk Еве, ја користам и оваа прилика да ги замолам колегите ригорозно да ги следат овие препораки, нагласува првиот човекот на ССНМ.

Да се разгледа можноста новинарите почесто да бидат тестирани

По веста за позитивниот тест за коронавирус на главниот и одговорен уредник на Канал 5 телевизија, Гоце Михајловски се појави загриженост меѓу новинарите, кој со кого комуницирал, министерот за здравство Венко Филипче вчера на прес-конференција ја смируваше ситуацијата, рече дека веќе се идентификувани контактите, направени се интервјуа, дел ќе се направат денеска.

Уште четири колеги на Михајловски, поради контактот, се ставени во самоизолација. Телевизијата, и покрај предизвикот со кој се соочува, продолжува да информира.

Чадиковски во разговор за МИА му посака на Михајловски побрзо закрепнување и изрази надеж дека епидемиолозите добро си ја сработиле работата и оти нема да се дозволи натамошно проширување на вирусот.

-Посакувам што побрзо Гоце да закрепне и да се врати на своите професионални задачи. Свесен сум за загриженоста меѓу новинарите и колегите, особено сега во Канал 5, но останува да се надеваме дека епидемиолозите добро ја сработиле својата задача и дека нема да се дозволи понатамошно проширување на вирусот. Нема друго, мора да бидат храбар, вели тој.

Сепак, поради ризичноста на новинарската професија смета дека треба да се разгледа можноста медиумските работници да бидат почесто тестирани.

-Од друга страна, со оглед на изложеноста на новинарите и можностите да бидат заразени, дали треба да бидат почесто тестирани особено тие случаи за кои има информации дека имале контакти со луѓе што го носат вирусот. Не може сите да се еднакви пред законот ама Заев и Мицковски да се поеднакви од другите. Прашајте ги колегите од Канал 5 кои се сега во самоизолација, што ќе ви кажат…. Ако треба веднаш, веднаш да бидат тестирани, со цел да се смири тензијата во фелата. Знам дека тестот не е гаранција, но не беше гаранција ниту кај лидерите на партиите, па го направија, нагласи Чадиковски.

Вели медиумската фела е сега загрижена и уште еднаш ги повтори апелите за што посилна социјална дистанца, но истоввремено и да не се заборави дека во овие времиња основната работа на медиумите е да известуваат и информираат професионално и етички, но и да не ги штедат политичарите ако грешат.

-Точно е дека е вонредна состојба, но, тоа не значи дека во вонредна состојба е сè дозволено или дека таа треба да ја ограничи слободата на говорот. Затоа велиме, храбро со зборовите, претпазливо во дружењата, истакна Чадиковски за МИА.

Новинарите да ги пријавуваат сите случаи на несоодветна заштита на нивното здравје

До ССНМ пристигнуваат поплаки од новинари и медиумски рабпотници дека не им е обезбедена соодветна заштита при работа во услови на пандемија.

-Сметаме дека има сериозни пропусти на ова поле и воедно ги охрабруваме новинарите да ни ги пријавуваат сите случаи за несоодветна заштита на нивното здравје. Воедно ги охрабруваме преку своите синдикални организации да извршат силен притисок врз работодавачите да им се овозможат соодветни услови за работа. Или, во случај да не се синдикално поврзани, препорачуваме да се самоорганизираат и силно да притиснат во насока на разрешување на овие проблеми, вели Георгиевски за МИА.

Чадиковски, пак, нагласува дека во Македонија сме навикнати на ситуации дека лошите нешта му се случуваат на некој друг. Оттаму, додава тој. можно е да постои и недоволна свесност за проблемот, па и неодговорност, барем во почетокот, но, сега работите одат кон подобро.

-Поголем дел од редакциите и колегите се задоволни со начинот на кој нивните компании пристапиле кон проблемот. Одредени поплаки има од страна на колегите, за нив веќе е зборувано со претставници на компаниите и тоа треба да се надмине во наредниот период, додава Чадиковски.

ЗНМ најави помош за медиумите во опрема, средства за дезинфекција, маски, ракавици, а на прашањето до каде е целата таа работа и дали всушност не се доцни со помошта, Чадиковски нагласува дека успеале во соработка со ОБСЕ да организираат 150 пакети на секаков тип опрема, што ќе биде дистрибуирана до редакциите многу скоро.

-Тоа значи дека над 100 редакции, за националните, но и регионалните и локални телевизии, радија, за порталите кои имаат свои канцеларии, ќе бидат целосно опремени, со десетина видови на артикли кои ќе значат многу, особено во периодот кога пандемијата ќе го доживува својот пик. Мислам дека навремено ќе пристигнат, за сите оние што се пријавија на нашиот оглас. Беше голема операција и целата организација бараше внимателност, повторно од безбедносни причини, истакна Чадиковски за МИА.

Забележано намалување на бројот на истражувачките стории од почетокот на корона кризата

Во првите борбени редови во справувањето со Ковид-19 се медицинските лица, полицијата, АРМ и тоа е несомнено, се споменуваат и новинарите, но сепак останува впечатокот дека тоа е некако декларативно. Се отвора прашањето колку всушност е правилно вреднувана новинарската професија во овие кризни моменти.

Чадиковски за МИА нагласува дека прес-конференциите не се единствениот извор на информирање и забележува дека има намалување на истражувачките стории од почетокот на кризата.

-На прсти можат да се избројат истражувачките стории од почетокот на корона-кризата. Беа неколку и веднаш новинарите беа бомбардирани со закани за тужби од одредени центри на моќ. Тоа е обид за цензура, затоа и реагиравме како ЗНМ со поддршка за колегите. Имам чувство дека политичарите ги споменуваат новинарите во добар контекст, само кога сакаат да им се додворат. Всушност, повеќето сметаат дека сме нужно зло. Не ни треба нивното вреднување. Ни треба судот на јавноста, и по завршувањето на оваа криза, да каже дека добро сме ја извршиле задачата, а не само декларативно. Новинарите мора да станат свесни дека истражувачките стории се клучни, потенцира Чадиковски.

Нагласува дека во овие кризни моменти всушност се покажала важноста на дописничките мрежи, нешто што ЗНМ се обидува да го извади на површина веќе некое време.

-И она што сега би сакал особено да го истакнам е фактот за кој многу се залагавме во изминатиот период-дописничката мрежа. Се покажа дека дописниците во ваква состојба, исправени со ваков глобален предизвик, се мошне важни за медиумите. Тие ја одиграа својата клучна улога. Токму и затоа, мора да имаат свое заслужено место во новинарските редакции, вели Чадиковски за МИА.

Намалување на платите на новинарите во време на пандемија еквивалент на намалување на примањата на медицинските работници

Според првиот човек на ССНМ, Георгиевски, Владата не понудила фер услови за работа на медиумските работници, иако тие се во првите борбени линии на фронтот во справувањето на пандемијата.

– Владата, иако декларативно зборува за заштита на работните места и на вработените, се чини дека многу повеќе ги штити работодавачите. При носењето на мерките се консултираат речиси исклучиво коморите и сопствениците, а синдикатите и еснафските здруженија се сосема маргинализирани. Што се однесува до медиумите, веќе ги имаме првите отпуштања во порталите, а за жал се најавуваат и други. Во овој контекст, ССНМ и неколку сродни организации, подготвува, како што тоа сега популарно се нарекува, сет мерки, односно барања до Владата за поголема заштита на вработените, особено на оние што делуваат во медиумскиот простор, вели Георгиевски за МИА.

Во контекст на владините мерки со кои во вонредната состојба не важат колективните договори, но и најавената помош во износ на минимална плата за медиумската фела, Георгиевски нагласува дека во овие услови можеби не е загрозен опстанокот на медиумите, но е загрозен опстанокот на новинарите.

-Без оглед на колективните договори, намалувањето на платите на новинарите во било каков облик (минимални плати, одземање на додатоците и слично) не е опција и тоа треба на сите да им биде јасно. Ако се намалат платите на новинарите во време на пандемија е сосема исто како сега да им се намалат платите на лекарите и на медицинскиот персонал. А тоа не доаѓа предвид!, порачува Георгиевски во разговор за МИА.

Ана Цветковска

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Верниците се простуваат од упокоениот митрополит Дебарско-кичевски Тимотеј

Царинска управа: спречен шверц на цигари, облека и хардверски делови, како и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне

ВМРО-ДПМНЕ: Каранфилова Пановска работеше да го донесе Заев на власт, кој на Македонија и ги направи најголемите национални предавства