Куманово, 10 април 2020 (МИА) – Професорите од кумановското средно техничко училиште „Наце Буѓони“ ги изработија првите три тунели за дезинфекција кои ќе бидат поставени во болницата и Центарот за јавно здравје Куманово, објави денеска градоначалникот, Максим Димитриевски. Тунелите ќе се користат за дополнителна дезинфекција на персоналот и на корисниците на услугите.
Тунелите се изработени на барање на Општинскиот штаб за заштита и спасување.
– Произведени се првите три тунели за дезинфекција кои ќе бидат инсталирани во Општа болница Куманово и Центар за јавно здравје Куманово за дополнителна дезинфекција на персоналот и корисниците на услугите. Благодарност до тимот на ОСТУ “Наце Буѓони” Куманово и фирмите донатори за нивниот ангажман. Продолжуваме во понатамошен обид да произведеме дополнителни количини за останатите институции во градот кои се дел од ОШЗС- напиша кумановскиот градоначалник.
Претходно, тимот на професори од ова училиште изработи опрема за автоматска дезинфекција на возила кои се поставени на неколку локации во градот. ам/аа/