Велес, 9 април 2020 (МИА) – Волонтери на oпштинскиот Црвен крст денеска поделија уште 13 хуманитарни пакети со храна, донации на граѓани и фирми. Досега вкупно се поделени 89 пакети со храна на социјално загрозени лица или лица кои останале без работа поради состојбата со коронавирусот.
Секретарот на ООЦК Велес, Орце Николов ги потсетува граѓаните и фирмите дека може да донираат храна во собирниот пунк во ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ кој функционира со општина Велес.
-Ние секојдневно сме на терен и помагаме колку што можеме. Ги повикувам и апелирам до сите граѓани кои се во можност како и фирмите да донираат храна и така да ја искажат својата хуманост на дело, повика Николов.
Првите 54 пакети со храна беа доделени од детската градинка „Димче Мирчев“.
Николов потсетува дека освен во храна може да донираат и парични средства наменети за социјално загрозени и семејства кои останале без работа поради состојбата со Ковид-19.ад/ир