Драматичните бројки од Њујорк доаѓаат во момент кога кризата со коронавирусот се намалува или, во најмала рака, се стабилизира во САД и во Европа, иако властите ги предупредуваат граѓаните да не се опуштаат.
Во Њујорк денеска бројот на жртви достигна 3,202 лица откако во последните 24 часа беа регистрирани нови 731 жртви. Во терористичкиот напад на 11 септември 2001 година загинаа 2,753 граѓани. Севкупно во САД од Ковид-19 досега настрадаа 12 илјади луѓе, а заразени се 380 илјади.
Сепак, гувернерот на државата Њујорк Ендрју Куомо смета дека е охрабрувачки тоа што бројот на новопримените пациенти во болниците и бројот на оние кои мораат да бидат ставени на респиратор опаѓа, што укажува дека мерките за социјално дистанцирање даваат резултат. Освен во градот Њујорк, состојбата е најтешка во Детроит, Њу Орлеанс и Њу Џерси.