Македонска Каменица, 7 април 2020 (МИА) – Сите хуманитарни организации, фирми и граѓани поединци своите донации кон јавните установи и ранливи категории на граѓани да ги вршат исклучиво во координација со Општинскиот кризен штаб. Ова денеска го соопштија надлежните од Општина Македонска Каменица кои додадоа дека активностите треба да се реализираат согласно мерките и препораките на Влада на Република Северна Македонија и Координативниот штаб за заштита од зараза и спречување на ширење на Ковид 19.
– Овој апел се упатува со цел да се спречи можноста за ширење на заразата и непотребно изложување на граѓаните на непотребен ризик од зараза со Ковид 19. Телефонските броеви за контакт со мобилните тимови во општина Македонска Каменица 033 432 741, 071 377 841, 078 416 528 се токму за таа намена. Само преку координираност на институциите и одговорност на граѓаните со придржување кон мерките и одредбите донесени за заштита и спречување на зараза можеме да ги надминеме опасностите од коронавирусот (Ковид 19), се вели во соопштението од општината до граѓаните.
Воедно, градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова денеска упати писмо со поддршка до граѓаните кои се наоѓаат во италијанските општини Касине и Рикалдоне.
– Во мое лично име и во името на сите граѓани на Oпштина Македонска Каменица Ви изразувам искрена поддршка во овие тешки моменти со кои е соочена Вашата општина, Вашата држава, но и светот воопшто. Ја користам оваа прилика да Ви посакам што побрзо надминување на тешката ситуација, а веднаш потоа да го продлабочиме нашето пријателство, да ја унапредиме меѓусебната соработка, затоа што сега станавме навистина свесни дека пријателите во неволја се вистинските пријатели, се вели меѓу другото во писмото кое градоначалничка Стаменкова го испрати до своите сограѓани во споменатите италијански општини.
Периодов кој следи, како што додадоа од општината, ќе бидат разгледувани и можностите за меѓусебна помош и нејзино доставување, како и согледувањето на бенефитите од различни мерки за заштита кои се преземени во двете држави, а се со цел полесно и побрзо справување со пандемијата и здравствено-економските последици од неа. вс/фф/