Утрински Весник
Македонија

Да се казнат лицата кои дистрибуираат лични податоци на пациенти со корона

Да се казнат лицата кои дистрибуираат лични податоци на пациенти со корона

Фотографија со список со лични податоци на лица од Куманово заразени со Ковид-19 кружеше на социјалните мрежи последниве денови. Според информациите на „Порталб.мк“, фотографијата е од документ со податоци, како што се матичен број, возраст и адресата на заболените. Министерството за внатрешни работи ќе преземе мерки и го истражува случајот, изјавија од таму за „Порталб.мк“.

Одделот за компјутерски криминал и дигитална форензика соопшти дека ќе постапи во врска со овој случај.

„Министерството за внатрешни работи презема мерки за да го открие сторителот на овој случај и за истото ќе биде известено надлежното Основно јавно обвинителство“, велат од Министерството.

Според Елена Стојановска, експерт од областа приватноста и заштитата на лични податоци од Фондацијата „Метаморфозис“, споделувањето на фотографија од список на жители на Куманово инфицирани со Covid-19, е проблематично од повеќе аспекти.

– Пред се, на фотографијата нема податок кој јасно укажува на тоа кој е примарниот имател на тие податоци, осносно од која база се овие податоци извадени. Со самото ова, дискутабилна е и вистинитоста на самите податоци. Ако тргнеме од претпоставката дека ова се вистинити податоци, тогаш лесно може да се констатира дека има кршење на правото на заштита на личните податоци со самото споделување на податоците надвор од рамките на институциите кој се надлежни да ги видат овие евиденции и нивно ширење по електронски пат.

Според Стојановска, согласно Законот за заштита на личните податоци, податоците што се однесуваат на здравјето, вклучувајќи и податоци за добиената здравствена заштита се посебна категорија на податоци или чувствителни лични податоци.

– Со самото ова, забранета е обработка на посебните категории на лични податоци освен по исклучок односно ако обработката е неопходна за целите од јавен интерес во областа на јавното здравство, како што се заш тита против сериозни прекугранични закани за здравјето или обезбедување на високи стандарди за квалитет и безбедност на здравствената заштита. Овој исклучок се однесува на обемот на личните податоци кои се собираат без согласност на граѓаните во време на криза како што е справувањето со Covid 19, нивното споделување помеѓу институциите, мапирањето и слично. Овој исклучок НЕ се однесува на јавно објавување на личните податоци за инфицирани лица или лица во самоизолација“, вели таа.

Освен Законот за заштита на личните податоци, Кривичниот законик во член 149 предвидува казна затвор за службеното лице кое ќе навлезе во компјутерски информатички систем на лични податоци со намера користејќи ги за себе или за друг да оствари некаква корист или на друг да му нанесе некаква штета.

Стојановска вели дека за оваа ситуација треба веднаш да биде запознаена Агенцијата за заштита на личните податоци за да може итно да реагира, а исто така треба да се вклучи и Министерството за внатрешни работи во пронаоѓање на примарниот извор на информацијата.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Меџити тоа што не може да го блокира, го узурпира, реагира Ирена Витина

„Велибор Манев рече дека тука има закопано човек, на едно место покриено со гранки“, сведочат полицајци

Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ