Утрински Весник
Македонија

Изминатите денови нема прекршување на полицискиот час во Дебар и Центар Жупа

Изминатите денови нема прекршување на полицискиот час во Дебар и Центар Жупа

Дебар, 6 април 2020 (МИА) – На подрачјето кое со својата активност го покрива Одделението за внатрешни работи од Дебар строго се почитува полицискиот час, како за време на викендот така и во последните неколку денови од минатата недела.

-Во општините Дебар и Центар Жупа не е регистрирано непочитување на одлуката за ограничено движење, како за викендот, кога полицискиот час трае од 16:00 до 5:00 ,така и во последните денови од минатата недела, кога трае од 21:00 до 5:00 наутро. Не е регистрирано непочитување на забраната за движење на лица постари од 67 години, кои може да излегуваат од домот само во периодот од 5:00 до 11:00 часот, изјави Стефан Димоски портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.

Тој додаде дека не се регистрирани ниту групни собирања на јавни места, нарушувања на јавниот ред и мир, ниту сообраќајни незгоди.

Треба да се нагласи фактот дека во двете општини, Дебар и Центар Жупа, каде поради состојбата со Ковид-19 од 13 март е прогласена кризна состојба, од воведувањето на полицискиот час, минимално е непочитувањето на одлуката за ограничено движење.

Градоначалниците, Хекуран Дука на Дебар и Аријан Ибраим на Центар Жупа, искажуваа благодарност за совесноста на граѓаните и апелираат и понатаму строго да ги почитуваат мерките и препораките на надлежните.

Во две општини до вчера, според соопштените резултати, заразени со коронавирус се 49 лица, од нив 47 во Дебар. Во Дебар во домашна изолација се 98 додека во Центар Жупа десеттина лица. вт/ир

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Кај село Миравци пронајдена удавена жена

Полицијата ќе ја проверува работата на „Државна лотарија“

Камбовски: Невозможно е да постојат две национални академии во една држава