Скопје, 6 април 2020 (МИА) – Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) вчера извршил вонреден инспекциски надзор во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и притоа не се констатирани никакви недостатоци.
Вонредниот надзор ДЗСИ го направил во согласност со заклучоците на Главниот координативен кризен штаб за почитување и примена на протоколите и препораките за употреба на лична заштитна опрема (ЛЗО) од страна на здравствените работници при укажување здравствени услуги согласно нивоата на здравствена заштита и ризикот од КОВИД-19, а со цел спречување на ширење на инфекцијата.
– При надзорот во Клиниката е констатирано дека строго се почитуваат препораките за употреба на лична заштитна опрема од страна на здравствените работници, како и соодветната организираност и одржување на клиничкиот објект, соопшти владината прес-служба.
Во извештајот се посочува дека во Клиниката се хоспитализирани само пациенти со инфекција од КОВИД-19 и во моментот на надзорот имало вкупно 77 пациенти, од кои на респиратор биле 11 пациенти, но и дека имало уште слободни респиратори и болнички легла.
– При инспекцискиот надзор е констатирано пред влезот кон болничкиот оддел има пулт опремен со дезинфициенси и лична заштитна опрема (ЛЗО – медицински маски, заштитни маски N95, капи, каљачи, заштитни очила, визири, ракавици, три вида на мантили, скафандери, ПВЦ престилки – сите за еднократна употреба), која се користи во зависност од видот на здравствената услуга што треба да му се укаже на пациентот (преглед, земање брис, интубација, аспирација, аплицирање терапија и слично).
Согласно протоколите за употреба на ЛЗО, во зависност од медицинската интервенција и степенот на ризик, испечатени се протоколи и протоколи во вид на постер се поставени видливо над пултот со ЛЗО.
За време на вонредниот инспекциски надзор од страна на ДСЗИ е утврдено дека пред влезот во филтер зоната кон болничкиот оддел постојано има лице кое проверува како е облечен здравствениот работник пред влез за работа со пациент.
– Со цел максимално да се заштити медицинскиот персонал, комплетно и соодветно облечениот здравствен работник се задржува најмногу два часа во болничкиот оддел и пред да излезе во филтер зоната ја соблекува облеката и ја фрла во корпа за медицински отпад, дезинфицира раце, па оди на миење раце согласно протокол, се наведува во соопштението.
Исто така е утврдено дека Клиниката располага со адекватна количина на личната заштитна опрема, која се дистрибуира од централен магацин кон одделите на дневно ниво и по изјавите на вработените лица констатирано е дека ваква опрема секогаш имаат соодветно на потребите.
Воедно покрај пултот со ЛЗО и во филтер зоната пред излез од болничкиот оддел се наоѓа наменска амбалажа за медицински отпад, а се почитуваат и протоколите за невкрстување на чисто и нечисто на ниво на целиот клинички објект. ев/сп/