Утрински Весник
Македонија

Нападот врз емоциите главна алатка на оние што шират дезинформации, вели Даукшас за МИА

Нападот врз емоциите главна алатка на оние што шират дезинформации, вели Даукшас за МИА

Скопје, 3 април 2020 (МИА) – „Нулта пациент“ е медицински израз кој е резултат на недоразбирање. Еден од првите жртви на СИДА во Северна Америка во некои документи, за да се задржи анонимноста, бил наведен како „Пациент О“. За тој пациент, Гаетан Дига, кој бил стјуард од Канада, тогаш се сметало дека бил изворот на епидемијата на СИДА во Северна Америка. О (ознака за Outside of California „Надвор од Калифорнија“) била погрешно прочитана како нула (0), сосема ненамерно. Всушност, Дига не бил почетната точка на изворот на епидемијата. Но, изразот продолжил да се употребува и да се шири. Поточно, се проширил надор од границите на медицината и е зафатен од друг вид зараза – дезинформациите.

Ситуацијата со она што се случува денес во светот како да се совпаѓа со обидите да се најде нулта пациентот и во буквална и во симболична смисла кога се бара нулта точката од која почнал да се шири еден имформациски вирус. Светот се соочува со пандемија на Ковид-19, но истовремено не стивнува ниту пандемијата на лажни вести и дезинформации поврзани со коронавирусот, кои всушност создаваат уште повеќе паника и ги подгреваат и онака разнишаните чувства на граѓаните. Северна Македонија не е имуна на вирусот, ниту на ширењето дезинформации поврзани со коронавирусот, а МИА во наредниот период ќе објавува интервјуа, анализи и стории посветени на борбата против лажните вести и дезинформациите.

„Демаскук“, разоткрива на литвански, е софтвер што го бара нулта пациентот на лажните вести. Тој е изработен од Делфи, медиумска групација во главниот град на Литванија, Вилнус, заедно со големата американска ИТ-компанија Гугл. Функционира на тој начин што пребарува и анализира безброј изрази на интернет на литвански, руски и англиски со цел да најде такви за кои веројатноста дека се дезинформации е голема. Потоа ја пребарува онлајн историјата на статии што се сметаат за сомнителни со цел да го пронајде потеклото – нулта пациентот – на кампањата на дезинформации.

За овој феномен и начинот на кој се води борбата против него разговаравме со Викторас Даукшас, директор на иницијативата Debunk.eu во Литванија, кој недамна во Скопје учествуваше на дебатата „Штетното влијание на дезинформациите“, во организација на граѓанската асоцијација МОСТ.

Во 2017 година 28 земји биле нападнати со дезинформации, а во 2019 бројката се зголемува на 70 држави. Трендот расте, а Даукшас во интервјуто за МИА вели дека во изминатите две години Дибанк објавиле над двесте стории, кои биле прочитани повеќе од 30 милиони пати.

Денес во повеќе од 60 земји на разоткривањето на дезинформациите и проверка на фактите работат 188 организации. Во Литванија во повеќе од 1.500 домени различни организации анализираат над 30.000 статии секој ден на осум јазици, а Даукшас во интервјуто за МИА говореше за состојбата на медиумите во неговата земја, за почетоците на Дибанк и начинот на кој работи, но и за потребата од обучување на секој граѓанин да препознава што му се сервира.

Три години сте на чело на Дибанк (Debunk), може ли да ни појасните како функционира оваа инцијатива, колку медиуми обединува, дали има и други субјекти освен медиуми и која е главната цел?

Главната цел е да ги едуцира граѓаните и да покаже што всушност се случува, со цел луѓето да знаат и самите да одлучат. Почнавме пред три години, основани од Гугл и Делфи. Делфи е медиум од балтичкиот регион, соработуваме со вкупно осум медиуми, кои нè поддржуваат, ги објавуваат содржините, прават интервјуа. Поголемиот дел од разоткривањето го прават професионални новинари, кои се добро опремени со искуство и знаење од областите на одбраната и меѓународните односи. Ваквиот вид новинари се навистина реткост, нема многу новинари во земјите што можат да бидат на тоа ниво и да работат на ова. Останатите повеќе работат како поддршка. Како иницијатива ние ги анализираме отворените информации, кои се достапни онлајн, и бараме штетни наративи. Низ годините собравме голема база на податоци и сега можеме да забележиме доколку истите наративи повторно се користат онлајн, доколку повторно се појавуваат. Тоа значи дека ако повторно се јават, можеме брзо да ги фатиме. Имаме голема ефикасност. Исто така можеме да ги информираме нашите новинари и партнерите со кои работиме: „Погледнете, ова е нешто ново и силно и беше обележано како штетно во минатото.“ Така што ова е начинот на кој функционираат работите.

Колку информации сте разоткриле изминативе три години, колку што функционирате?

Во изминатите две години објавивме повеќе од двесте стории и тие стории се прочитани повеќе од 30 милиони пати и за земја со таква големина (Литванија) тоа е навистина добра читаност. Има некои коментари дека кога има разоткривање или проверка на фактите, нема голем број читатели. Ако тоа го правите правилно, на вистинскиот начин и со интересни приказни, кои се навистина штетни, луѓето ќе сакаат да знаат и луѓето ќе читаат. Тоа е интересно.

На вашата веб-страница прочитав дека нудите идентификување на лажните вести за две минути, како го постигнувате тоа?

Со помош на Гугл ја развивме оваа алатка, платформа и на тој начин брзо ја регистрираме информацијата. Можеме да ја анализираме, да ја фатиме за неколку минути во реално време и можеме да ја мапираме во однос на штетните наративи, кои веќе ги имаме, и на тој начин ги информираме засегнатите страни со кои соработуваме.

По образование сте физичар, заговорник сте на ИТ-развојот, дали верувате дека може да се креира некоја платформа, апликација што самата ќе лови лажни вести без човечки фактор, дали е тоа реално?

Тоа не би било реално уште многу долго време. Да, јас имам диплома по физика, бевме многу практични од самиот почеток, гледавме што вреди да се автоматизира во одредена фаза. И ако автоматизацијата ја направите прерано, или ќе паднете во однос на трошоците, ќе ве чини прескапо, или ќе имате лоша стапка на прецизност. Затоа одлучивме да поставиме повеќе човечки слоеви, кои ќе го преиспитуваат она што го пронаоѓа машината и така машината учи. Луѓето добиваат фидбек и потоа можеме повторно и повторно да се обучуваме. Затоа е подобро да се тренира и да се учи чекор по чекор, отколку да се обидуваме да креираме нешто совршено од самиот почеток.

Многу е поевтино да се креира дезинформација, отколку таа да се разоткрие. Може ли да ми кажете за профитот што на годишно ниво го остваруваат платформите што на некој начин се фабрики за производство на лажни вести?

Да, тоа е главниот проблем со дезинформациите, многу е поевтино да се креира, отколку да се разоткрие, и тоа е големо прашање. Сите меѓународни фактори и организации мора да работат на тоа и да ја зголемат ефикасноста во насока да се намали трошокот за разоткривање, наспроти трошокот за креирање дезинформација. Ако ги погледнеме анализите што се направени, анализирани се повеќе од 20 илјади веб-страници поврзани со дезинформации и секаков вид невистинити содржини. Пресметано е дека овие веб-страници биле во можност да заработат 235 милиони долари за една година од програмско рекламирање.

Каква е ситуацијата со медиумите во Литванија?

Во Литванија и во регионот на Балтикот медиумите се добро етаблирани. Имаме помали веб-страници што имаат тенденција да прават штета и секако има ефект и на социјалните мрежи и тоа е едно навистина големо прашање. Има голем број литвански елфови, веќе има повеќе од четири илјади луѓе што се активни на социјалните мрежи, обидувајќи се да ги фатат троловите на Фејсбук, тоа е активноста што ја прават и тоа е навистина важна работа. Но има и силно влијание на странски земји од веб-страници што не се од Литванија, но се обидуваат да шират информации во Литванија или околу неа. Ние сè уште имаме висок процент на население што добро го разбира рускиот јазик.

Главна работа за граѓаните е ако се фатат себеси дека стануваат емоционални, тогаш нека не ја споделуваат содржината, најверојатно е изработена на начин за да ги нападне вашите емоции и некој вложил напор за вие да ја споделите содржината. Вообичаено тоа е приказната. Важно е кој медиум го користите, како знаете дали е кредибилен или не е. Мислам исто е и со храната, со етикетите на прехранбените продукти, морате да прочитате за да разберете каква храна внесувате. Истото се однесува и на медиумите, треба да разбереме кој стои зад медиумот, кој е сопственикот, дали се кредибилни и работат за вашето добро.

Ана Цветковска

фото Фросина Насковиќ

снимател Андреј Бранковиќ

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Меџити тоа што не може да го блокира, го узурпира, реагира Ирена Витина

„Велибор Манев рече дека тука има закопано човек, на едно место покриено со гранки“, сведочат полицајци

Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ