Скопје, 2 април 2020 (МИА) – Македонското еколошко друштво (МЕД) во соработка со НП „Маврово“ на почетокот на март обележа нова единка од балканскиот рис, близу селото Ничпур. Како што соопшти денеска МЕД, се работи за здрава женка тешка 14,5 kg, а стара околу десет години.
– Рисицата се вика Атиџе. Како и сите рисови досега, и таа носи околувратник и ни испраќа локации за своето движење. Утврдивме плен и сега сме сигурни дека Атиџе е во добра состојба, рече Александар Павлов од Програмата за зачувување на балканскиот рис што ја спроведува МЕД.
Од МЕД информираат дека Атиџе првпат е сликана со фотозамка во 2013 година и тогаш во базата на податоци се водеше како Б11. Според тимот на МЕД, интересен податок за Атиџе е што таа е десетти рис што се следи со GPS-околувратник за точно десет години следење единки од балканскиот рис со помош на овој метод.
– Интересна коинциденција е што точно пред 10 години на истиот ден беше обележан рисот Марко! И ова е десетта единка за овие десет години. Убаво заокружување на досегашните теренски активности поврзани со сесијата за за мониторинг на рисот, истакна Диме Меловски од Програмата за зачувување на балканскиот рис што ја спроведува МЕД.
МЕД досега има обележано шест мажјаци и четири женки од ова ретко животно.
Балканскиот рис е најреткиот од деветте подвида на евроазискиот рис и исклучиво го населува Балканот. Во природа постојат помалку од 50 возрасни единки, од кои најголем број живеат токму во македонските шуми. Поради оваа состојба, Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) ова животно го смета за критично загрозено. бт/дма/