Скопје, 2 април 2020 (МИА) – Поради обилните врнежи од снег во текот на изминатото деноноќие на територијата на Скопје се евидентирани вкупно 22 паднати дрвја, од кои 17 се во населени места, а другите пет дрвја се во Градскиот парк, информира градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.
Тој на својот фејсбук профил напиша дека екипите на Градот Скопје и јавните претпријатија веднаш излегле на терен и ги расчистуваат паднатите гранки и дрвја, а се санираат и скршените гранки што висат од дрвјата и претставуваат опасност за минувачите.
– Апелираме до граѓаните да бидат внимателни и претпазливи при движењето покрај дрвја и дрворедите, а воедно ги замолуваме за трпение додека траат активностите за расчистување на штетите предизвикани од обилните врнежи на снег, пишува Шилегов на фејсбук. мс/дма/