Скопје, 1 април 2020 (МИА) – АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката (АДСДП)-Скопје изврши нова, втора по ред дезинфекција на четири катни гаражи со кои стопанисува – „Кресненско Востание“, „Разловечко Востание“, „Солунски Конгрес“ и „Смилевски Конгрес“.
Како што соопштија од друштвото, дезинфицирани беа заедничките простории – скалишниот простор и гелендрите, лифтовите, патеките на движење. Ваква акција, додаваат, ќе биде реализирана и во следните три недели (еднаш неделно), а во случај на потреба истата ќе продолжи согласно препораките на Владата.
– Во меѓувреме, продолжува и дезинфицирањето на социјалните згради (вкупно 20) лоцирани низ целата територија на државата. По минатонеделниот третман со кој се уништуваат сите бактерии и штетни патогени микроорганизми на површините, стручните тимови ја повторуваат акцијата со која се опфатени лифтовите, влезовите на објектите, заедничките простории, скалишниот простор и гелендрите. Процес на дезинфекција е спроведен и во сите 11 подружници на АДСДП, се вели во соопштението.
Повторувањето на постапката на дезинфекција е во насока на сузбивање и намалување на можноста на проширување на вирусот Ковид-19. мс/са/