Експерт ангажиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС) до крајот на мај треба да изготви анализа за примената на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, со посебен акцент на релевантните меѓународни документи и анализа на јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, информираат од Министерството за правда. Во изработената анализа ќе бидат содржани и соодветни препораки.
Од Министерството за правда за „Мета.мк“ посочуваат дека по изготвувањето на анализата и првичната верзија на законските измени, во ова министерство ќе профункционира работната група, која врз основа на дадените препораки и предлози на експертот ќе заземе став за сите прашања поврзани со законот. Меѓу најзначајните теми што ќе треба да се разгледаат е евентуалната можност за укинување на навредата од актуелниот закон, како и определувањето на висината на идните износи на штета што би се досудувале во случаи на клевета.
– Работната група која ќе работи на измените и дополнувањата на законот ќе биде составена од претставници на Здружението на новинари, судии, претставници од науката и претставници од Министерството за правда – потенцираат од ова министерство.
Од Министерството велат дека роковите за изготвување и донесување на новиот закон ќе зависат и од развојот на настаните поврзани со корона вирусот во нашата земја. Како и да е, измените на постојниот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета ќе бидат засновани на анализата на праксата на ЕСЧП и компаративните демократски искуства.
Ревидирањето на македонското законодавство во делот на навредата и клеветата е една од клучните препораки од извештајот на Рајнхард Прибе и итните реформски приоритети што треба да се спроведат во сферата на медиумите и слободата на изразување. Од актуелниот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета треба да се отстранат случаите од типот на “чест”, “достоинство” и “навреда”, кои се поведуваат во согласност со законската дефиниција за навреда, а се надвор од опфатот на дефиницијата за навреда во смисла на членот 10 од Европската конвенција за човекови права.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.