Утрински Весник
Македонија

„Алкалоид“: На пазарот има производи што претставуваат фалсификати на нашите средства за дезинфекција

„Алкалоид“: На пазарот има производи што претставуваат фалсификати на нашите средства за дезинфекција

Скопје, 1 април 2020 (МИА) – „Алкалоид“ АД Скопје соопшти дека на пазарот има производи што претставуваат фалсификати на средствата за дезинфекција што ги произведуваат – Ecosal® и Dezintal®, а кои се воедно и нивни заштитени трговски марки.

Од компанијата апелираат купувачите да внимаваат при купувањето, бидејќи фалсификуваните производи не ги исполнуваат стандардите за квалитет, при што би можело да дојде до несакани дејства врз безбедноста и врз здравјето на купувачите. Исто така, се доведува во прашање и ефикасноста на овие производи, кои во моменталната ситуација се од исклучителна важност.

За да им помогнат на купувачите да ги препознаат оригиналните производи Ecosal® Forte и Dezintal® произведени од „Алкалоид“, за чии квалитет и безбедност гарантираат, од компанијата укажуваат на следните детали што може да се забележат на самото пакување на производите:

На етикетите секогаш стои логото на „Алкалоид“, како и логата на Ecosal® и на Dezintal®, кои гарантираат за оригиналното потекло на производитеи за преземените мерки во делот на нивната регистрација, во согласност со важечките регулативи, како производител секогаш е назначен „Алкалоид“ АД Скопје, што подразбира дека производите се произведуваат и се полнат во контролирани услови на производство, производот Ecosal® Forte се произведува во пакување од 500 ml, со затворање приспособено на типот на производот – антисептик, наспроти фалсификуваното пакување од 1000 ml, какво што досега не е пласирано на пазарот од „Алкалоид“, производите доаѓаат со соодветно упатство за употреба, за кое можеме да гарантираме само доколку се произведени и доколку се спакувани во фабричките погони на „Алкалоид“ АД Скопје. рп/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер