Скопје, 3 март 2020 (МИА) – Минимална нето плата од 14.500 денари во април и мај ќе добијат сите функционери на државно и локално ниво, со исклучок на именуваните лица во здравстемиот сектор, како дел од вториот сет економски мерки што ги објави денеска Владата, но таа мерка нема да се однесува за администрацијата на која платата нема да и биде намалена, а за што имаше предлог од лидерот на владејачката СДСМ Зоран Заев.
Премиерот Спасовски соопшти дека уредбата на Владата за исплата на минимална плата на функцонерите нема да се однесува за именуваните лица, согласно со Законот во јавните здравствени установи. Со оваа мерка, прецизираше, се опфатени претседателот на државата, претседателот на Собранието, пратениците, претседателот на Владата, сите министри, заменици министри државни секретари, директори на државни институции, градоначалници и сите други именувани лица на национално и на локално ниво.
– Сите избрани и именувани функцонери, од претседателот, па до најниско ниво директори на државно и локално ниво, ќе одат на минимална плата затоа што сметаме и јас и Владата дека ако треба да направиме солидаризирање тогаш ние треба тоа да го направиме први. И јас како претседател на Владата, и министрите и замнеииците министри, и државните секретари, и пратениците и директорите и градоначалниците. Сите до еден треба да ја покажеме солидарноста, рече премиерот Спасовски, на прес-конференција во Владата.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на различните ставови на СДСМ чиј лидер побара намалување на платата на амдминистрацијата и на ДУИ кои беа против тоа, Спасовски истакна дека при носење на одлуката не биле соочувани аргументи на партиите, туку аргументи на бројките и анализите.
– Затоа сметавме дека првин функционерите мора да ја понесат таа одговорност и солидарност. Апсолутно не станува збор за добивање битка. Ако некој смета дека во услови на криза може да добие битки многу се лаже и многу греши, нагласи Спасовски.
Министерот за економија Крешник Бектеши, пак потенцираше дека сме во кризна ситуација и оти нема победници во рамки на Владата. – Имаме одлични односи во Владата, како ДУИ сме го кажале нашиот став како и сите други партии. Како економски тим на Владата предводена од премиерот Спасовски сме ги зеле предвид сите предлози на политичките партии, стопанските комори, граѓанските организации и граѓаните со цел да креираме што подобри мерки за да влијаеме како држава да не се изгубат работни места, рече Бектеши.
Со вториот економски сет мерки е предвидено и претседателоте и членови на управни и надзорни одбори, претседатели и советници во советите на општините и на Град Скопје, претседатели и членови на комисии формирани од извршна и локална власт кои истовремено некаде работат да не земаат никаков надомест додека трае кризата. – Одлуката ќе важи се додека Владата не донесе друга одлука, односно нема да важи за невработените лица, информира Спасовски. лв/са/