Утрински Весник
Македонија

Столтенберг за МИА: Членството во НАТО значи дека потенцијален напад врз С. Македонија ќе поттикне реакција од целата Алијанса

Столтенберг се надева дека Северна Македонија ќе стане полноправна членка до декември

Брисел, 30 март 2020 (МИА) – Со полноправното членство во НАТО, Северна Македонија се стекна со место на масата на Северноатлантскиот паки и доби глас целосно да може да учествува во носењето на сите одлуки во најсилната и најголемата Алијанса на светот, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во интервју за МИА.

Во интервјуто, Столтенберг се осврнува и на евентуалната руска реакција на нашетто членство во НАТО, на прдизвиците со кои се соочува Алијансата во услови на пандемијата со коронавирусот, како и на одлуката на ЕУ за давање зелено светло за страт на преговорите за членство со Северна Македонија.

Прво прашање, се разбира, како се чувствувате денеска по церемонија на подигање на знамето на Северна Македонија пред седиштето на НАТО?

Ова е историски ден, и лично почувствував вистинска среќа гледајќи го знамето на Северна Македонија развиорено заедно со сите други знамиња на НАТО членките. Церемонијата нѐ разнежни и ова е важен ден за Северна Македонија, кој го одбележува вашето полно членство во оваа Алијанса, што е важно за вашата земја, за целиот западен Балкан и е важно за сите сојузници на НАТО. Затоа што заедно сме побезбедни, посилни и целта на НАТО е да се сочува мирот и сега Северна Македонија е целосно дел од тој труд.

Можете ли на пошироката публика да и објасните што ова значи конкретно, ова формално членство, во смисла на средби, учество, носење одлуки, итн?

Тоа значи дека НАТО сега има 30 членки. Во НАТО сите седиме на истата маса, носиме одлуки заедно, без разлика на големината на земјата. Јас лично сум од Норвешка, исто така мала земја, но знам дека со тоа што има место на масата, има право на глас. Исто Северна Македонија сега има глас и целосно може да учествува во носењето на сите одлуки во најсилната и најголемата Алијанса на светот. Сите одлуки во НАТО се носат со консензус, што значи дека сите 30 сојузници треба да се согласат пред да се донесе одлука. И ова е важно за Северна Македонија затоа што се членувањето во оваа Алијанса, испраќаме јасен сигнал до секој потенцијален непријател дека ако Северна Македонија е нападната, тоа ќе поттикне одговор од сите сојузници кои ќе застанат во поддршка на Северна Македонија. И целта на ова не е да се предизвика конфликт, туку да се спречи конфликт. Целта на стоењето рамо до рамо не е да се води војна туку да се спречи војна. Главната цел на НАТО е мир и стабилност. И со обезбедувањето мир и стабилност, не само што обезбедуваме сигурност за сите луѓе кои живеат во земјите сојузнички на НАТО, туку обезбедуваме и најдобри услови за економски просперитет. Видовме редовно дека со зачленувањето во НАТО, ја создаваме стабилноста и мирот кои се толку важни за инвестиции, за економски раст и видовме дека, откако е донесена одлуката дека Северна Македонија ќе стане членка, инвестициите почнаа да се зголемуваат во Северна Македонија. И, се разбира, членството во НАТО го олесни вашиот пат кон членство во ЕУ и го поздравувам фактот што ЕУ одлучи да ги отвори преговорите за членство со Северна Македонија.

Очекувате ли некаква непријателска реакција од Русија после ова?

Не, не очекувам такво нешто и целта на НАТО не е да предизвика конфликт или да создаде проблем со Русија. Ние гледаме дека Русија редовно се однесува на понападен начин, одговорни се за агресивни акции против соседите како Грузија и Украина, но сега Северна Македонија е членка на Алијансата, сега сте дел од овој силен, заеднички одбранбен напор и безбедносните гаранции што ги носи. И со тоа што сте дел од оваа Алијанса, безбедни сте колку што се сите други сојузници затоа што стоиме рамо до рамо сите.

Ние продолжуваме да се стремиме кон подобар однос со Русија. За нас нема контрадикторност помеѓу силата и политичкиот дијалог. НАТО верува во тоа што се нарекува двоен пристап: потребно ни е обесхрабрување и одбрана,  но и дијалог со Русија за да се обидеме да ги намалиме тензиите и подобриме односите.

За жал оваа церемонија дојде во незгоден момент за сите нас, церемонијата не можеше да биде јавна поради коронавирусот. Што прави НАТО за да помогне во борбата против оваа пандемија?

Ова е глобална здравствена криза и е заеднички предизвик кој бара заеднички одговор. НАТО не е во првите редови се разбира, но пружаме поддршка за цивилните напори за справување со кризата ковид-19.  НАТО сојузниците помагаат со воздухопловство, вчера Чешка преку механизмот за соработка на НАТО обезбеди илјадници заштитни опреми за Италија и Шпанија, обезбедивме и воена опрема. НАТО не е организација со медицинска опрема, но она што можеме да го сториме е да ги координираме напорите на НАТО сојузниците и да дадеме логистичка помош. Видовме ширум Алијансата дека војската игра клучна улога во поддршката за цивилните напори. Воени сили помагаат со транспорт, заштита, гранични контроли, воени болници, тие се клучни во справувањето со кризата.

Планирате поголема улога доколку се влоши кризата?

Постојано проценуваме што можеме да направиме. Но, НАТО не е Алијанса со многу медицинска опрема или капацитети кои можат да помогнат директно во справувањето со кризата ковид-19. Она што можеме да го сториме е да координираме, видовме Германија зеде луѓе од Италија, Франција и други земји на кои им беше потребна медицинска нега, повеќемина НАТО сојузници си помагаат и до одредена мера ги координираме тие напори и ќе продолжиме тоа да го правиме колку што ќе биде потребно.

Како се организирате на терен во седиштето на НАТО, како ќе се одвиваат планирате средби и министерски состаноци кои се планирани, ако ова продолжи дали ќе ги одржувате преку видеоповици и колку е тоа безбедно всушност за Алијансата?

НАТО продолжува да си ги исполнува суштинските задачи, а тоа е да обезбедиме кредибилна одбрана, вклучително и за време на кризата со коронавирусот. Нашите мисии и операции продолжуваат. Нашите борбени трупи во источниот дел на Алијансата, нашите мисии за борба против тероризмот во Авганистан продолжуваат и Северна Македонија е дел од тоа. Ги видов трупите на Северна Македонија во Кабул пред само неколку седмици кога бев таму за почетокот на мировниот процес, се сретнав со македонските трупи и бев импресиониран од нивниот професионализам, нивната посветеност, тоа покажува дека заедно работиме во борбата против тероризмот. НАТО мора да се осигура дека оперативната подготвеност се сочувана за да можеме да реагираме и да ги одбраниме сите сојузници, вклучително и кога имаме сериозна здравствена криза како што имаме сега. Но, се разбира, начинот на кој тоа го правиме е прилагоден за да ги земеме потребните превентивни мерки во справувањето со кризата на коронаирусот. Во седиштето на НАТО на пример веќе одамна го намаливме бројот на средби, бројот на присутни на средбите кои ги одржуваме, многумина работат од дома и користиме повеќе телекомуникации, видеоконференции, имаме безбедна мрежа во НАТО што можеме да ја користиме за да комуницираме и во вакви времиња.

Значи министерскиот на 2 април е безбеден?

Да, ќе имаме министерски состанок за надворешни работи на втори април, тоа ќе биде прв пат во историја НАТО да одржи министерски состанок преку видеоконференција и тоа ќе се одржи преку безбедна линија, и тоа покажува дека иако не се сретнуваме во седиштето на НАТО, немаме физички средби но имаме капацитети, системи кои ни овозможуваат да продолжиме да носиме одлуки, и покрај тоа што немаме физички средби, затоа што имаме безбедни системи.

И последно прашање – ваша реакција на одлуката на ЕУ минатата недела да даде зелено светло за почетокот на преговорите за членство со Северна Македонија и колку е ова важно за вас, за НАТО?

Ја поздравувам одлуката на ЕУ да отпочне преговори за пристапување, ова е уште едно признание за напредокот, за макотрпната работа на Северна Македонија, уште еднаш навистина им честитам на народот, на власта во Северна Македонија затоа што ова е ваш труд, ваш напор, вашата волја за применување реформи, за решавање на спорот со името, подобрување на односите со соседите, Грција, Бугарија, сето тоа ви овозможи да влезете во НАТО и да почнете преговори со ЕУ, така што ова е огромен напредок, многу луѓе ми рекоа дека ова никогаш нема да се случи, дека е невозможно, но сега влеговте во НАТО, почнавте преговори со ЕУ, ова е голем напредок, одлично за Северна Македонија, признание за вашата храброст и одлучност, но важно е и за сите други НАТО сојузници, ви благодарам многу за храброста и посветеноста што ја покажавте низ годините.

Тања Милевска

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи

До петок стабилно и сончево – викендов снег

Мајката-херој се борела со стерилитет, во бракот со сопругот 37 години се труделе да добијат деца