Утрински Весник
Македонија

„Монастир“ музички проект на Еврејката Сара Ароести во Битола

„Монастир“ музички проект на Еврејката Сара Ароести во Битола

Битола, 30 март 2020 (МИА) – Проектот „Монастир“ на ладино пејачката Сара Ароести, Еврејка со битолско потекло, е најнов музички потфат, кој во најголем дел се реализира во Битола за, како што вели таа, да ја донесе ладино музиката на нејзиното семејство до целиот свет.

Семејството Ароести е од сефардската група Евреи, кои во Битола живееле сè до крајот на 20 век. Најголем дел од семејството настрадале за време на холокаустот, а преживеаните успеале да се преселат во САД.

Сара Ароести е родена во 1976 година во САД, но таа со гордост вели дека е Еврејка од Битола затоа што нејзиниот дедо бил роден во 1907 година во тогашен Монастир, како и членот на семејството Рашела Нахмијас, мотиватор и инспирација на Сара, која годинава во октомври ќе наполни 103 години.

– Во Битола првпат дојдов во 2017 година, тогаш се запознав со градот и одржав концерт. Тоа е градот на мојот дедо кој како и многумина во времето на Отоманската Империја Битола ја именуваа како Манастир. Овој град беше топол дом на еврејската сефардска популација, но за жал настрада за време и по Втората светска војна. Кога доаѓам во Битола чувствувам посебна возбуда, знам дека граѓаните ги почитуваат Евреите и еврејската историја и затоа одлучив токму во Битола да снимам албум со македонска и еврејска музика, вели за проектот „Монастир“ ладино пејачката Сара Ароести.

Семејната куќа на Ароести во Битола е на Широк сокак, прекрасен објект во строгиот центар на градот, кој Сара не пропушти да го посети за време на престојот во овој град, непречено влегува, иако сега е со друга намена, а не заборава да погледне и други зачувани објекти, Еврејското Маало и гробишта, но и куќата од некогашниот Пионерски дом, сегашен објект на Еврејската заедница и во чиј двор Сара Ароести сними музички нумери.

– Проектот „Монастир“ го подготвувам подолго време, неколку месеци истражував во архивите на Националната библиотека во Израел, работев на терен со моите македонски пријатели и тие ми помогнаа да најдам уникатни песни поврзани со еврејската заедница која живеела во Монастир. Некои од песните се македонски и се поврзани со дамнешниот еврејскиот живот, некои се традиционални ладино песни, а некои од нив никогаш досега не биле снимени во форма на песна, издвојува сегменти од проектот „Монастир“ младата Ароести.

Во интернационалниот проект „Монастир“ се вклучени музичари, сниматели, стручни лица од различни држави, религии и култури, кои сакаат да потсетат на животот на Евреите во Битола и можеби затоа културната и музичката јавност во овој град со задоволство ја прифати и ја поддржа идејата на ладино пејачката Сара Ароести, а поддршка доби и од градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која приреди прием во нејзиниот кабинет.

– Тука е моето срце. Битола е местото каде што бил роден мојот дедо, градот во кој некогаш имало многу Евреи. Во проектот ќе бидат содржани песните „Битола бабам Битола“, „Едно време си бев ерген“, песна за Естреја Мара и други вкупно пет на македонски и исто толку песни на ладино јазик. Во проектот се вклучени деца од детската градинка „Естреја Овадија Мара“ во Битола, хор од Скопје, уметниците Сефедин Бајрамов и Вевки Амедов, како и други мои соработници оттука и секако музичкиот продуцент и долгодишен соработник Шаим Бахар, потврди Ароести пред заминувањето од Битола.

Соработката со Сара Ароести беше прекрасна и креативна, ни изјави Саше Богоевски, основач на „Креатив продукција“, организатор на посебна фотосесија за портфолиото на Сара Ароести.

– Снимавме и фотографиравме во Старата битолска чаршија, пред зградата на некогашниот Пионерски дом во Битола, кој импресионира со својата градба и архитектура, место што долги години беше собиралиште на најмладите битолчани. Снимавме и на неколку други локации во градот, кои ќе бидат составен дел на проектот „Монастир“. Искрено благодарни сме за довербата од извонредната, комуникативна и секогаш насмеана Сара Ароести, која во најновиот музички албум соработува со нашата „Креатив продукција“ – Битола, посочи Богоевски.

 

Сара Ароести класично оперско пеење изучила на Вестминистерскиот хорски колеџ, а ладино песни на Израелскиот институт за вокална уметност. Во својата музичка кариера ги снимила албумите „A la Una: In the Beginning“, „Puertas“, „Gracia“, „Ora de Despertar“ – прв целосен и оригинален ладино албум за деца, во 2017 година го сними албумот „Together/Endjuntos“, а „повторно дома“ во Битола го снимаше музичкиот албум „Монастир“.

Марјан Танушевски

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи

До петок стабилно и сончево – викендов снег

Мајката-херој се борела со стерилитет, во бракот со сопругот 37 години се труделе да добијат деца