Утрински Весник
Македонија

Како Русија користи авторитарна технологија за да го запре коронавирусот

Како Русија користи авторитарна технологија за да го запре коронавирусот

Си Ен Ен – Атланта

30 март 2020

Русија под претседателот Владимир Путин ја доби пионерската авторитарна технологија: Минатата година, водачот на Кремљ одобри мерки со кои ќе се овозможи создавање „суверен“ руски интернет, кој ќе биде со фајрвол (Firewall) заштита од остатокот на светот.

Пандемијата на Ковид-19 сега им дава можност на руските власти да ги тестираат новите овластувања и технологија, а борците за човекови права и слобода на говор се загрижени дека Владата гради нови капацитети за надзор.

Можеби најобјавуваната технoлошка алатка во арсеналот на Русија за борба против коронавирусот е московскиот масовниот систем за препознавање на лице. Завршен претходно оваа година, системот за надзор првично предизвика невообичаен отпор во јавноста, при што поборниците за заштита на приватноста поднесоа тужби за незаконски надзор.

Коронавирусот, сепак, донесе неочекувано одобрување на јавноста за системот.

Минатата недела, московската полиција соопшти дека фатила и казнила 200 лица кои ги прекршиле мерките за карантин и самоизолација користејќи го системот за препознавање на лицето и систем со 170.000 фотоапарати. Според извештаите објавени во руските медиуми, некои од наводните прекршители кои биле казнети, биле надвор од домовите помалку од половина минута пред да бидат откриени од поставена камера.

„Ние сакаме да има уште повеќе камери за да нема „мртов агол“ или да биде изоставена некоја уличка, ќорсокак“, рече Олег Баранов, шеф на полицијата во Москва, во неодамнешниот брифинг, додавајќи дека службите во моментов работат на инсталирање на дополнителни 9.000 камери.

Системот е, исто така, користен за анализа на социјалните мрежи на оние лица кои се потврдени или има сомнение дека се заразени со коронавирус. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собијанин, опиша на својот официјален блог како градските власти пронашле жена од Кина, која со авион дошла од Пекинг уште во февруари. Тестот, на крајот, бил негативен, но Собијанин рече дека властите го лоцирале таксистот кој ја однел жената дома од аеродромот, пријател што го сретнала пред нејзиниот стан, кршејќи го карантинот и собрале податоци за сите 600 луѓе кои живеат во нејзината зграда .

И потоа, тука е употребата на геолокација за да се следат носителите на коронавирус. Епидемиолозите сметаат дека следењето и собирањето податоци е важна алатка за следење и локализирање на епидемиите, но Русија презеде карактеристичен пристап. Премиерот Михаил Мишустин претходната недела му нареди на руското Министерство за комуникации да лансира систем за следење заснован на „податоците за геолокација од мобилните оператори за одредена личност“ до крајот на оваа недела.

Со други зборови, собраните податоци од системот нема да бидат анонимни: Според описот во владината уредба, информациите собрани со системот за следење ќе се користат за испраќање на текстови до оние кои стапиле во контакт со преносител на коронавирус, и да ги известат регионалните власти за да можат да ги стават тие лица во карантин. Ваквите мерки предизвикаа мала јавна дебата. А Русија е далеку од тоа дека е единствената земја во светот што ги зголеми капацитетите за надзор за да го спречи ширењето на вирусот.

Во Израел, безбедносната служба Шин Бет ја прилагоди својата моќна програма за надзор за да ги следи движењата на пациентите заразени од коронавирус или сомнителни случаи. Механизмот е сличен на оној што се користи во Русија – податоците од телефоните и кредитните картички се користат за мапирање, а здравствените службеници потоа мора да ги алармираат и карантираат луѓето кои биле во близок контакт со заболен или сомнителен случај на 10 минути или повеќе, соопшти  Министерството за здравство во таа земја. Министерството соопшти дека информациите ќе ги користат само нивните специјалисти и ќе бидат избришани по 60 дена. Но, групите за човекови права поднесоа петиција против тоа до Врховниот суд, кој предупреди дека ќе ја затвори програмата доколку се изврши поголем надзор. Во четвртокот, Шин Бет соопшти дека им помогнале на здравствените власти да идентификуваат и изолираат повеќе од 500 жители за кои е утврдено дека се инфицирани со коронавирус.

Во Јужна Кореја, Владата користеше податоци за трансакции со кредитни картички, геолакција на телефоните и снимки од надзор за да даде детални информации за пациентите со коронавирус, без да ги идентификува по име, според владината веб-страница. Резултатот беше мапа на која луѓето можат да видат дали биле во близина на носител на коронавирус. Деталните истории доведоа до тоа некои пациенти да бидат „доксирани“ ( објавување приватни лични информации без нивна согласност), по што и властите одлучија да ја намалат политиката за споделување податоци.

Мобилните провајдери во Европската унија споделуваат податоци со здравствените власти во Италија, Германија и Австрија за да помогнат во следењето на тоа како луѓето ги почитуваат мерките за држење социјално (физичко) растојание, пренесе Ројтерс. Владата на САД разгледува употреба на анонимни податоци собрани од технолошките гиганти за слични намени, според „Вашингтон пост“. Но, во Русија, поборниците за човекови права и за приватност се загрижени дека употребата на системот за препознавање лица веќе бил во легалната сива зона и дека построгите мерки во услови на коронавирус би можеле да и овозможат на државата да изврши уште поголема контрола врз своите граѓани и откако ќе заврши епидемијата.

„Разликата е во државите кои имаат поголема култура на почитување приватност и значително ограничување на пристапот и користењето на овие податоци“, изјави Саркис Дарбињан, адвокат на „Роскомсвобода“, невладина организација која ја следи слободата на социјалните мрежи во Русија. „Најстрашната работа е дека епидемијата ќе заврши еден ден, но овие мерки, јас сум сигурен, дека ќе останат“.
Во меѓувреме, Русија планира да ги прошири постојните капацитети на системите за надзор бидејќи расте бројот на случаи на коронавирус. Московскиот систем на набљудување во стилот на „Големиот брат“  е далеку од совршен. Надвор од главниот град на Русија, препознавањето на лицето обично е ограничено на аеродромите и железничките станици, но владата вели дека се подготвува да вклучи други алатки за надзор во обид да ја исцрта идната мапа на вирусот. ссм/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Царинска управа: спречен шверц на цигари, облека и хардверски делови, како и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне

ВМРО-ДПМНЕ: Каранфилова Пановска работеше да го донесе Заев на власт, кој на Македонија и ги направи најголемите национални предавства 

Трајчулески: Тоа што Мицкоски е разочаран од Конгресот е добра вест за СДСМ