Утрински Весник
Политички Партии

Влада: Мицкоски да престане да врши притисок врз институциите и помошта за граѓаните кои се враќаат во земјата да ја нарекува „уништување на државата”

Влада: Мицкоски да престане да врши притисок врз институциите и помошта за граѓаните кои се враќаат во земјата да ја нарекува „уништување на државата”

Скопје, 29 март 2020 (МИА) – Владата денеска преку соопштение ги информира граѓаните дека опозицијата преку претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски,  врши притисок врз институциите при што организираните активности за враќање на македонските граѓани во нашата земја и за нивно сместување во државни карантини ги нарекува „уништување на државата”.

-Имено, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа со директни пораки преку апликацијата Телеграм упати неосновани обвинувања и притисоци врз генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, квалификувајќи ги владините активности како „срамота”, а луѓето кои ги организираат активностите како „лопови” и во исто време клеветејќи за „добивање провизии“ за организацијата на авионскиот и автобускиот превоз, се вели во владиното соопштение.

Владата на РСМ, во име на отчетноста и отвореноста која секојдневно ја применува во својата јавна комуникација, во целост ја објавува комуникацијата со која Христијан Мицкоски комуницирал со Драги Рашковски, како и сите информации, постапки и договори преку кои се врши организацијата на превозот за нашите граѓани од земјите во странство до Северна Македонија, транспортот од аеродромот до објект/хотел утврден како државен карантин и сместувањето во државниот карантин.

Владата го повикува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски внимателно да ги погледне презентираните факти, да престане да врши притисок врз институциите, да престане да шири клевети дека помошта за граѓаните е срамотна и да ги употреби партиските ресурси кои се дел од техничката Влада и кои гласале ЗА ваквата помош за граѓаните, за вистински да помогне на земјата и на народот во овие тешки времиња.
Постапката за организација на превозот и државниот карантин на македонските граѓани се одвива согласно одлуки и уредби на Владата изгласани и од министерот за внатрешни работи кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а истата изгледа вака:

01. Летовите од земјите од кои доаѓаат нашите сограѓани до Северна Македонија ги реализира авио компанијата Визер, компанија избрана по критериумот најниска цена, а пријавена на јавните повици на Владата.

02. Секој македонски граѓанин кој се враќа во нашата земја со превозот кој го организира Владата има обврска самостојно да го плати авионскиот лет, при што вкупната цена на чартер летот која изнесува околу 32.000 евра се дели со бројот на патници сместени во авионот. За пример, цена на летот од Минхен до Скопје изнесуваше околу 190 евра по патник. (во прилог договорот за организирање авионски превоз меѓу Владата и секој граѓанин кој го користи превозот).

Граѓаните кои се враќаат во земјава се контактирани од МНР ден претходно, при што ги добиваат сите информации во врска со превозот и со државниот карантин, вклучително и цената и условите за превозот.

03. При слетување на аеродромот во Скопје, за граѓаните е организиран автобуски превоз од овластен автобуски превозник избран на јавен повик, со автобуси кои ги дезинфицира сертифицирана компанија. Патниците при слетувањето добиваат информација кон кој нумериран автобус треба да се упатат и на која локација со обезбеден државен карантин ќе бидат превезени. Понатаму автобусите се обезбедени со полициска придружба, а возачите се со скафандери и заштитна опрема. На повикот за оператор кој ќе обезбеди автобуски превоз за граѓаните од аеродромот до државните карантини, единствен понудувач беше компанијата „Вардар експрес”, компанија која ги исполни условите да располага со 20 автобуси во ист момент, имајќи предвид дека при слетување на два авиони во исто време, тоа е потребната бројка на превозни средства за вкупниот можен број на патници.

04. Македонските граѓани сместени во државни карантини ги користат капацитетите на објекти/хотели кои се пријавиле на јавниот повик на Владата (https://vlada.mk/node/20642). Станува збор за обезбеден капацитет од 2104 легла во моментов во целата држава, во 19 сместувачки објекти, а од нив пополнети до сега се околу 1.200 легла.

Граѓаните сместени во државните карантински објекти не се закана за никого, а објектите ги обезбедуваат полицијата и војската. Ниту еден граѓанин сместен во државен карантин во периодот од 14 дена не смее да ја напушти сопствената соба, ниту објектот, а секој кат од секој сместувачки објект е строго контролиран и обезбеден од војската и полицијата. За секој од нив е направена епидемиолошка анкета и определен е соодветен режим во карантинскиот објект кој е целосно безбеден и строго контролиран и надгледуван.

-Владата на РСМ ќе продолжи отворено и навремено да ги објавува сите информации поврзани со справувањето со коронавирусот во нашата земја како врвен приоритет, а во исто време апелира до политичките партии да се откажат од дневното политичко профитерство. Истовремено, Владата апелира до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да престане да врши притисок и да клевети, да се вклучи во заедничката национална борба со коронавирусот, да ги достави сите предлози на неговата партија преку претставниците на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, а доколку има каков било сомнеж или доказ за каква било злоупотреба, истиот веднаш да го пријави до институциите на македонскиот систем, се вели во владиното соопштение. ац/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Митева: Денешната оставка на Ковачевски е почеток на крајот за СДС и ДУИ

Jana

СДСМ: ДПМНЕ е осамено на проруската агенда, против ЕУ и без коалициски партнери

Jana

Најголемата ИТ компанија во Македонија се ребрендира: Сеавус е сега Киншифт