Над 10.000 граѓани се наоѓаат во самоизолација или карантин во нашата земја. Бројот на лица на кои им се определени овие мерки секојдневно расте, а заедно со нив и грижата за управување на отпадот што овие граѓани секојдневно го создаваат. Од Министерството за животна средина и просторно планирање излегоа со препораки за начинот на одлагање на отпадот за лицата кои се во карантин или самоизолација.
Личниот отпад, како што се хартиените марамчиња, крпите за чистење за еднократна употреба, маските и ракавиците, неопходно е безбедно да се фрлаат во вреќи за отпад за еднократна употреба. Ваквите вреќи треба да бидат наполнети најмногу до 2/3 од нивниот капацитет, да се спакуваат во втора вреќа и убаво да се затворат, по што тие ќе бидат безбедни за одлагање во вообичаениот контејнер за отпадоци од домаќинството. Останатиот отпад кај домаќинствата кои имаат член во самоизолација или карантин се отстранува на вообичаен начин.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање им укажуваат на јавните комунални претпријатија, комуналните работници и собирачите на отпад дека е неопходно да се носи заштитна опрема при контактот со контејнерите. Покрај носењето на маски и заштитни ракавици, треба да се применува претходно изнесената процедура за отстранување на заштитната опрема од страна на сите лица кои ја користат во рамки на своето работење.