Скопје, 24 март 2020 (МИА) – Не треба да се чека министерски состанок за да се потврди нашето членство во НАТО, туку нашето членство станува и де јуре и де факто во оној момент кога ние ќе го испратиме нашиот ратификуван протокол во Вашингтон, откако тоа ќе го сторат останатите земји членки. Пркатично моментот кога тој ќе биде примен и активиран во Стејт департментот е момент кога РСМ ќе стане 30 членка на НАТО.
Ова го истакна вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на новинарско прашање на денешната прес – конференција во Владата.
-Наша стратешка цел членство во НАТО ја завршуваме во за жал најлоши можни околности. Согласно планот кој беше пред епидемијата ние требаше вчера да го предадеме нашиот НАТО протокол во Вашингтон да го депонираме и плановите коишто ги правевме со НАТО беше дека на 30 март и официјално ќе се дигне нашето знаме во Брисел. Се разбира овие планови комплетно паднаа во вода кога започна епидемијата со коронавирусот во Европа меѓутоа очекуваме секој момент нашиот протокол да стигне во Вашингтон и веднаш потоа за неколку дена, пркатично да го видиме, од далечина за жал нашето знаме како се виори заедно со останатите знамиња на 29 земји членки, рече Шекеринска
Таа нагласи дека ова не е време за прослави, ни за патување и никој и не планирал да организира што било, а целиот фокус сега е спасување на што е можно повеќе човечки животи, на македонската економија која како и светската ќе биде сериозно погодена од коронавирусот.
Шекеринска потврди дека актуелната криза ќе влијае и на идните финансии резервирани за мисијата во НАТО и обврските што произлегуваат од скорото членство, а во моментот кога ќе заврши здравствената криза ќе биде многу појасно со колкави средства во различни сектори ќе се справуваме.
-Како држава ќе направиме се цената да не ја платат најсиромашните, најслабите, затоа што во криза обично тоа се случува. Затоа работи нашиот економски тим, Советот околу премиерот од сите прифаќаме различни предлози. Целта ќе биде трошоците во буџетот да ги насочиме кон поддршка на економијата и во заштита на здравјето. Се останато ќе почека подобри времиња. И во рамки на одбраната правиме нови планови. Се она што не мора да се купи нема да се купи, рече министерката за одбрана.
За тоа кои механизми на НАТО ни се на располагање во контекст на кризата, а и во контекст на мигрантската криза, таа рече дека сега во поголем дел товарот е ставен на Армијата, а главниот придонес што го даваше и ќе го дава НАТО во наредниот период е интензивна обука и тренинг на нашите луѓе.
-Пред неколку месеци добивме донација од САД – АБХ опрема, која е дел од нивната поддршка за нашето членство во НАТО а ја користиме токму сега за време на епидемијата. Во моментов се рачистува просторот околу Инфективната клиника и со Министерството за здравство ја разгледуваме можноста тн. полска болница да ја понудиме како дополнителен ресурс во здравството, а која е добиена во времето кога бевме НАТО партнер земја. Нашата Армија има примено и над 150 милиони долари од земји членки во НАТО. Овие две години покажавме дека и сами инвестираме во Армијата и заради тоа ни е полесно да ги мобилизираме тие капацитети, нагласи министерката за одбрана Шекеринска. вг/са/