Велес, 24 март 2020 (МИА) – Малиот пазар во „Нова населба” останува затворен, а Градскиот пазар ќе работи секој ден, од 06:00 до 13:00 часот, што е во согласност со донесената вчерашна одлука на Општинскиот штаб за заштита и спасување на Општина Велес.
Како што информираат од општината, продажбата ќе биде ограничена исклучиво само на земјоделски производи и тоа овошје, зеленчук и други прехрамбени производи, кои ќе бидат изложени на секоја втора тезга во редот.
Паркинг просторот надвор од пазарот ќе биде ограден и нема да се дозволува продажба на производи на тој простор, додека пак влегувањето и излегувањето на посетителите во пазарот ќе биде регулирано со два влезови.
Како што информираат од Општина Велес, двајца редари на денешниот пазарен ден веќе се грижеа за редот и внимаваа на препорачаното физичко растојание на купувачите при влегувањето во пазарот. Продавачите беа задолжени да носат заштитна опрема (маски и ракавици), а на влезовите беа поставени средства за дезинфицирање и маски наменети за купувачите.
Времетраењето на задржување на купувачот во пазарот го определува ЈКП „Дервен” преку јасно истакнато и видливо известување до граѓаните.
Општина Велес апелира до граѓаните да се придржуваат до препорачаните мерки за заштита и ширење на Ковид-19. ад/ев/