Скопје, 24 март 2020 (МИА) – Фондот за здравствено осигурување преку соопштение упатува апел да се применува примарно телефонска и електронска комуникација меѓу осигурениците и здравствените установи, освен при неодложна здравствена потреба, осигурениците да ги почитуваат стручните препораки кои ги добиваат од матичните лекари според здравствените потреби за зачувување на здравјето и за правилно лекување и да не се бара упатување и да не се посетуваат специјалистите заради продолжување на хроничната терапија, бидејќи сите специјалистички извештаи, конзилијарни мислења и отпусни писма издадени во 2019 година ќе важат до завршување на важење времените мерки.
Од Фондот апелираат осигурениците да не инсистираат и да не бараат матичните лекари да им пропишуваат лекови на рецепт без медицински индикации (по нивна желба и кои не им се потребни), да ги почитуваат стручните фармацевтски препораки кои ги добиваат во аптеките за начинот на правилна употреба на лековите и другите фармацевтски или медицински производи кои ги користат, да не купуваат лекови непотребно, односно да не прават непотребни залихи на лекови во нивните домови и да не ги посетуваат масовно аптеките и матичните лекари особено не во првите денови од месецот, бидејќи лекови на рецепт на товар на Фондот има во доволни количини во промет одобрен од Агенцијата за лекови и медицински средства.
Да се однесуваме сите одговорно и без паника со што ќе го заштитиме нашиот здравствени систем, а со тоа и сите нас како граѓани. Само со заеднички напори може да се обезбеди поквалитетна здравствена заштита за сите, посочуваат од Фондот за здравствено осигурување. рп/са/